fbpx

Фондот за иновации за две години потрошил 750.000 евра на хонорарци, утврдиле ревизорите

Според извештајот на ДЗР, ФИТР ангажирал и стручни лица за евалуација и давање стручно мислење на проектите од објавените јавни повици за финансиска поддршка, за кои биле исплатени околу 260.000 евра

-

Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави ревизорскиот извештај за Фонд за иновации и технолошки развој за периодот од 2019 до 2021 година, а во однос на кофинансираните грантови за микро, мали и средни претпријатија за иновации и технолошки развој. Извештајот за работата на Фондот во овој сегмент, според она што го утврдиле ревизорите, изобилува со неправилности во работата, но и со неусогласеност со актите.

Па така, според ДЗР, речиси 750.000 евра биле потрошени во периодот 2019-2021 година за ангажман на надворешни лица, со договор за дело.

„Поради зголемениот обем на работа како резултат на законските измени, зголемен буџет, проширените стратешки и програмски определби на ФИТР, доделените надлежности за спроведување на ПЕР, столб 3, во услови на недоволен административен капацитет, ФИТР континуирано ангажира надворешни лица кои извршуваат работни задачи поврзани со дејноста, за кои во периодот 2019-2021 година исплатени се средства во износ од околу 46 милиони денари“, се вели во извештајот на ревизорите.

Од друга страна, пак, како што стои во извештајот, ревизијата утврдила дека актите за систематизација и организација на работните места не соодветствуваат со надлежностите, тежината и обемноста на задачите на ФИТР, односно од систематизирани 16 работни места, пополнети биле само осум.

Фото: Принтскрин, извештај на ДЗР

„Ревизијата смета дека ангажирањето на лица со договор за дело и покрај обезбедената согласност од надлежното министерство, придонесува за нетранспарентност и субјективно постапување при склучување на договори и одредување на месечниот надоместок за работниот ангажман на лицата кои се континуирано ангажирани во ФИТР подолг временски период“, пишуваат ревизорите.

Освен тоа, според извештајот, ФИТР ангажирал и стручни лица за евалуација и давање стручно мислење на проектите од објавените јавни повици за финансиска поддршка, за кои биле исплатени околу 260.000 евра.

„Од страна на ФИТР не се преземени активности за категоризација на запишаните стручни лица во соодветни секции во Регистарот од кој ќе се избираат стручните лица по систем на ротација, не е формирана Комисија за оценување на стручните лица, не е донесен акт за работа на Комисијата и не се врши тестирање и интервју за оценување на стручните лица, врз основа на што ќе се изврши ажурирање на листата со редните броеви на стручните лица запишани во Регистарот“, пишува во извештајот на ДЗР.

Понатаму, според ревизорите, ФИТР во периодот 2019-2021 година од објавените јавни повици склучил договори за 364 проекти, од кои заклучно со 20.05.2022 година, реализирани биле 93, а во тек се 258 проекти. Од увидот, ревизорите заклучиле дека во одлуките за финансирање од Комитетот за одобрување на инвестиции воопшто не е определен рок за склучување на договорите за доделување на средства, а
корисниците не доставувале навреме квартални/завршни извештаи за претходно спроведени активности, што придонесувало за пролонгирање на времето на реализација на проектите.

Со извршената ревизија, констатирани се одредени недефинирани активности и неусогласености со стратешките, нормативните акти и воспоставените политики од иновациска дејност. Па така, не било извршено ажурирање на Статутот на ФИТР со измените на законската регулатива, со кои се регулираат надлежностите и периодот на ангажман на Управниот одбор, обврски и одговорности на директорот, мандат на Комитетот за одобрување на инвестиции, рок на донесување на одлука од страна на Комитетот, начин на утврдување на надоместок на Комитетот итн. Понатаму, стои во ревизорскиот извештај, биле извршувани активности од страна на ФИТР кои не се дефинирани во Законот за иновациска дејност и не се усогласени со Стратегијата за иновации 2012-2020 година, а доделени со Планот на Владата на РСМ за економски раст, за кои биле склучени договори за доделување средства во износ од околу 9,6 милиони евра.

„Доделувањето на финансиска поддршка е сложен процес, а за следење и контрола на реализацијата на договорите е потребен стручен и компетентен кадар, со кој ФИТР во периодот на вршење на ревизија не располага, поради што не може да одговори на предвидените обврски од склучените договори“, заклучува ДЗР во однос на работата на Фондот за иновации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.