fbpx

Фон дер Лајен со порака: Партиите да ги поддржат уставните измени

Таа на социјалната мрежа Х ја потврди поддршката за нашата земја на патот кон членството во ЕУ, откако вчера имаше средба со премиерот Димитар Ковачевски

-

Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен од Атина даде јасна поддршка за продолжување на евроинтеграцискиот процес на С.Македонија. Таа на социјалната мрежа Х ја потврди поддршката за нашата земја на патот кон членството во ЕУ, откако вчера имаше средба со премиерот Димитар Ковачевски.

„Добра размена на мислења со премиерот Димитар Ковачевски. Го поздравувам поднесувањето на уставните амандмани од неговата влада во парламентот. Се надевам дека сите партии ќе го поддржат за да се продолжи придвижувањето на Северна Македонија на европскиот пат. Северна Македонија припаѓа во ЕУ“, напиша Урсула фон дер Лејен.

И премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за новинската агенција МИА истакна дека тие разговарале токму за уставните измени.

„Изразивме и двајцата задоволство што процесот започна, процесот започна успешно и се надевам, исто како што Европската унија се надева, дека во нашето Собранието ќе има визија и ќе има храброст пратениците да донесат една важна одлука која што се однесува на продолжување на европската интеграција на Северна Македонија во Европската унија“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

И додека траеше средбата на Ковачевски со Фон дер Лејен во Атина, ВМРО-ДПМНЕ вчера одржа Извршен комитет, при што беа донесени заклучоци кои се однесуваат токму на процесот на уставните измени. Од опозициската партија бараат уставните измени да се стават на гласање во Собранието на РСМ, а доколку не се донесат, да се оди на избори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.