Финска одлучи да аплицира за членство во НАТО без одложување

Photo by Joakim Honkasalo on Unsplash

Финскиот претседател Саули Нинисто и премиерката Сана Марин утрово преку заедничко соопштение објавија дека Финска мора да аплицира за членство во НАТО без одложување, пренесува Би-би-си. Ваквиот потег на финското раководство доаѓа во период на растечката поддршка на јавноста за членство во НАТО, која доаѓа откако Русија на 24 февруари ја започна воената инвазија врз Украина.

Финска и официјално ќе ја соопшти својата одлука за членство во НАТО во недела, откако прашањето ќе биде разгледано од финскиот парламент и од другите водечки политички функционери во земјата.

Шведска исто така соопшти дека ќе објави слична одлука во недела.

Станува збор за историски потег што ќе го направи Финска, која досега беше неутрална земја откако беше победена од Советскиот сојуз во Втората светска војна., пишува Јуроњуз.

Границата меѓу Финска и Русија е долга 1.340 километри, која на југ почнува на околу 170 километри од Санкт Петерсбург и се протега на север сè до близина на рускиот пристаништен град Мурманск, кој е оддалечен од финската граница околу 180 километри.

Според анкетното истражување спроведено во Финска минатата недела, 76 отсто од испитаниците го поддржуваат членството на Финска во НАТО, додека само 12 отсто се против, што е огромен скок во поддршката за зачленување во Северноатлантската Алијанса.

„Членството на НАТО ќе ја зајакне безбедноста на Финска. Како членка на НАТО, Финска ќе ја зајакне целата одбранбена алијанса. Финска мора да аплицира за членство во НАТО без одлагање“, се вели во заедничкото соопштение на претседателот Нинисто и премиерката Марин.

Русија досега ги предупредуваше Финска и Шведска дека ќе се соочат со последици доколку се одлучат да се зачленат во НАТО, додека генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг изјави дека процесот за давање членство на двете скандинавски земји ќе се одвива многу брзо.

Инаку, британскиот премиер Борис Џонсон вчера беше во официјална посета на Финска и Шведска, каде што ги потпиша новите договори на Обединетото Кралство со двете земји за европска безбедност.

„Ние сме непоколебливи и недвосмислени во нашата поддршка за Шведска и Финска, а потпишувањето на овие безбедносни декларации е симбол на вечната доверба меѓу нашите нации“, рече премиерот Џонсон.