Фото: Мета.мк

Како што објавија данските здравствени власти на својата официјална веб страница за вакцинација, од мај 2022 година, електронските покани кои им биле испраќани на данските граѓани веќе нема да бидат испраќани, но тие се уште можат да се вакцинираат против ковид-19. Тоа што нема да се испраќаат автоматски пораки на телефоните на граѓаните, не значи суспензија на вакцинална програма, туку менување стратегија, согласно епидемиолошката состојба која е подобрена во светски рамки, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека Данска е првата земја во светот која ја суспендирала програмата за вакцинација против ковид-19.

Податокот во насловот од текстот, споделен во постот што го рецензираме, не кореспондира со фактичката состојба.

Данска стана првата земја што ја прекина својата програма за вaкцинација против кoронавируc, велејќи дека тоа го прави бидејќи вируcот сега е под контрола, пишува на почетокот од текстот.

Да се суспендира некоја вакцинална програма, значи таа да заврши, да биде оневозможена, односно во конкретниот случај, да се заврши целосно со администрирање на вакцините против ковид-19. Тоа во Данска се нема случено.

Данска ги завршува своите напори за широка вакцинација, што значи дека здравствените власти нема веќе да испраќаат покани или потсетници до своите граѓани да се вакцинираат против ковид-19.

Самото соопштение од данските здравствени власти, во постот што го рецензираме е погрешно интерпретирано, особено ако само се погледне насловот (а таков е случајот со голем број корисници на социјалните мрежи, кои читаат само наслови, а не и содржината на текстовите) и може да се добие впечаток дека во Данска веќе не се аплицираат вакцини против ковид-19.

Вакциналната кампања за масовна вакцинација во Данска почна во 2020 година. Како што објавија данските здравствени власти на својата официјална веб страница за вакцинација, од мај 2022 година, електронските покани кои им биле испраќани на данските граѓани веќе нема да бидат испраќани, но тие се уште можат да се вакцинираат против ковид-19. Тоа што нема да се испраќаат автоматски пораки на телефоните на граѓаните, не значи суспензија на вакцинална програма, туку менување стратегија, согласно епидемиолошката состојба која е подобрена во светски рамки.

Со програмата за вакцинација против ковид-19, Данска досега ги известуваше своите граѓани кога точно, односно на кој датум можат да ја примат наредната доза, притоа оставајќи им повеќе опции да резервираат термин.

Вакцините против ковид-19 во Данска се уште се препорачани, особено за оние категории граѓани кои имаат ризик да развијат тешка болест, луѓе кои примиле една или две дози, но не го докомплетирале вакциналниот процес, лица над 40 години и бремени жени. Вториот бустер моментално им се нуди на лица со ослабен имунолошки систем и на лица со коморбидитети.

Граѓаните на Данска и понатаму може да стапат во контакт со вакциналните пунктови кои се уште се отворени ширум целата држава, и доколку сакаат, да се вакцинираат.

Данска не ја суспендираше вакцинацијата против ковид-19. Вакциналниот опфат е висок меѓу данската популација и епидемиолошката состојба е поволна. Затоа можеме да ја затвориме пошироката вакцинална програма засега, што значи дека електронски покани за вакцинација нема веќе да се праќаат, изјави за Асошиејтед Прес портпаролот на данското Министерство за здравство, Сигне Браитенштајн.

Околу 81 процент од данската популација од 5.8 милиони граѓани има примено две дози од ковид вакцината, додека 62 проценти имаат примено и трета доза.

Доктор Болет Соборг, дански епидемиолог, тврди дека Данска се наоѓа во добра ситуација кога станува збор за вакцинацијата против ковид-19.

Пролетта пристигна, вакциналната покриеност меѓу данската популација е висока и епидемијата се промени. Затоа, Националниот одбор за здравје сега ги завршува широките вакцинални напори против ковид 19 за оваа сезона. Планираме да ја отвориме вакциналната програма пак на есен. Пред тоа мора да направиме професионална проценка кој и кога да се вакцинира и со кои вакцини. Очекуваме да презентираме план за целосната рамка за 2022 и 2023 година пред летните распусти, пишува тој.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно дека вакциналната програма во Данска е суспендирана.