fbpx

Финска ќе биде 31-та членка на НАТО откако Турција даде одобрување

Финска е 31-та членка на НАТО откако нејзината кандидатура ја одобрија Турција и Унгарија, додека Шведска останува во чекалната додека не го реши билатералниот спор со Турција

-

Турскиот парламент ја одобри апликацијата на Финска за членство во НАТО, со што оваа нордиска земја ќе постане 31-та членка на Северноатлантската алијанса, пренесува Јуроњуз. Сите 276 пратеници присутни во турскиот парламент ја поддржаа едногласно кандидатурата на Финска во НАТО, и тоа само еден ден откако финската кандидатура помина и во парламентот на Унгарија.

Со ова, сите досегашни пречки за членството на Финска во НАТО се отстранети. Турција и Унгарија беа последните две земји-членки на НАТО кои го одолговлекуваа одобрувањето на финската апликација во нивните парламенти, при што гласањето во Турција следеше само една недела откако претседателот Реџеп Таип Ердоган пред повеќе од една недела јавно ја поддржа ваквата одлука.

Финска, заедно со соседна Шведска, ја напуштија повеќедецениската политика на неутралност, откако Русија на 24 февруари минатата година ја започна воената инвазија врз Украина. Веднаш по руската инвазија, Финска и Шведска се одлучија да аплицираат за членство во НАТО.

Финскиот претседател Саули Ниинисто преку твит им се заблагодари на сите земји-членки на НАТО за нивната поддршка за членството на Финска во Алијансата и додаде дека со нетрпение очекува да ѝ посака добредојде на Шведска.

Со зачленувањето на Финска во НАТО, Русија доби нов сосед кој својата национална безбедност се одлучи да си ја загарантира преку членството во Алијансата. Двете земји делат граница долга 1.340 километри, која на југ започнува на околу 170 километри од Санкт Петерсбург, и се протега кон север, сè до близина на рускиот пристаништен град Мурманск, кој е оддалечен од финската граница околу 180 километри.

И покрај тоа што аплицираше за членство во НАТО, Шведска ќе мора да почека на официјалниот прием додека не ги реши билатералните односи со Турција. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган месецов изјави дека Финска направила „автентични и конкретни чекори“ во врска со безбедноста на Турција, но истовремено ја обвини Шведска дека продолжува да ги прифаќа курдските милитанти и да им дозволува да протестираат на улиците на Стокхолм. За да стане Шведска членка на НАТО, турскиот парламент ќе мора претходно да ја одобри нејзината кандидатура.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Зеленски не ја вовлече Украина во војна

Украина не е таа која сака војна, ниту, пак, украинскиот претседател Зеленски ја вовлекол земјата во војна, како што неточно тврди објавата. Русија ја нападна Украина, а таа има...