fbpx

Врабчев: Примитивниот национализам во Бугарија доаѓа од Кремљ

Затоа ќе го посетам Кочани, да се сретнам со луѓето, да добијам повратна реакција. Поврзувањето на Благоевград со Кочани преку железница не е нова идеја, туку е стар проект повеќе од 80 години. Во Македонија оваа линија од Кочани треба да продолжи по средината на државата, вели граѓанскиот активисти и пратеник во интервју за Вистиномер, кој смета дека националистичките пропаганди во двете земји се погубни за напредокот

-

Андреј Врабчев е скулптор од Софија и кандидат на партијата „Продолжуваме со промената“ за пратеник во бугарското собрание на изборите кои ќе се одржат на 2 април.  Според него, руската пропаганда има директна врска со лошите односи помеѓу Бугарија и Македонија, а основен инструмент на таа политика е еден примитивен национализам. Врабчев се залага за изградба на железничката пруга  Благоевград – Кочани, како и за иницијативата „Три мориња“ (Балтичко, Црно и Јадранско море), чии инфраструктурни проекти би поминувале и низ С. Македонија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Како го оценувате влијанието на пропагандата на Кремљ во Бугарија и пошироко, каква е улогата на штетните недемократски влијанија на Кремљ во Бугарија?

Руската пропаганда во Бугарија е многу силна. Пред неколку години излезе и истражување за недемократските руски пропагандни практики. Девалвирањето на бугарската политика во голема мера е последица на руската пропаганда. Руската пропаганда има директна врска со лошите односи помеѓу Бугарија и Македонија, основен инструмент на таа политика е еден примитивен национализам, тој се искористува за влијание над големи групи од луѓе, но и не толку големи, ама честопати гласни, и активно го стимулираат стравот кај политичарите да носат одлуки кои се во согласност со линијата на Кремљ.

Многу посилно оружје на Русија во Бугарија е што тие имаат многу силна „петта колона“, има луѓе кои директно ги опслужуваат интересите на Кремљ, има еден голем дел од бугарската економија којашто на некој начин е во руски раце, има политичари на високи позиции кои директно ги опслужуваат тие интереси.

Бугарија има историја од 45 години која силно ја пропагираше љубовта кон Русија, кон советското, има цели поколенија кои се идеологизирани на тој начин. По паѓањето на комунизмот ги сменивме економските модели, но не ги заменивме културните модели.

 

Како оваа пропаганда се одразува врз македонско-бугарските односи? Сметате ли дека отпорите против Северна Македонија во Бугарија и обратно, отпорите против Бугарија во Северна Македонија, се во позначителна мера резултат на напорите на Кремљ во оваа насока или, пак, станува збор за автохтони политики?

Споменав дека руската пропаганда во бугарско – македонските односи има еден основен пристап на примитивен национализам. Истото го има и во Македонија. Многу уверено можам да тврдам дека двете ВМРО (н.з. ВМРО- ДПМНЕ во Македонија и ВМРО БНД во Бугарија) на некаков начин се координирани по тоа прашање. Многу од провокациите кои се користат од една, се користат и од другата страна, што за мене е загрижувачки. Според мене и двете партии се полугласно европски, но тоа што го прават е неевропско. Сите националистички формации во Бугарија имаат многу блиски формулации како тие во Кремљ. Тие заговараат сопствен пат на Бугарија, но сопствениот пат на Бугарија практично за нив значи да го напушти евроатлантскиот курс и да се приближи кон Русија.

Сите противевропски партии во Бугарија на некој начин се поврзани со руското разузнавање и се финансирани оттаму.

Јас навистина се надевам дека проевропските вредности во двете земји, каде слободата на говорот, почитувањето на законите и воопшто демократизацијата која ја имаме постигнато со толку напори, ќе бидат сплотени и ќе зборат на еден јазик.

Според мене, голема грешка за нашите односи е кога Бугарија го стави ветото за кандидатскиот статус на Македонија кон ЕУ, таму нештата тргнаа назад токму од претседателот Радев. Имаше еден Совет за национална безбедност кој се свикува од претседателот, таму во определена форма не присуствуваа сите чинители за и официјално да носи одлуки, и ги прифатија барањата на една партија АБВ која беше силно русофилска и особено на поранешниот претседател Георги Прванов. Тие бараа анекс на Договорот за добрососедство и тие беа против Договорот за добрососедство, токму тие идеи беа споменати во Собранието на Бугарија со рамковната позиција, и оттогаш работите тргнаа во погрешна насока, Проблеми кои одамна беа решени се вратија на дневен ред за да ги распалуваат емоциите, и всушност, тоа ги запали односите помеѓу Бугарија и Македонија.

За да се рефлектираат добрите односи помеѓу граѓаните од двете страни треба да има и добри медиумски врски. Јас сум основач на Фондација Татковина и успеавме да издејствуваме потпишување на договор помеѓу МРТ и БНТ, но после тоа ништо не се случи. Кога ќе се интензивираат соработките на медиумите многу нешта ќе станат појасни.

Истото е и со инфраструктурните и економските врски. Во Македонија се многу присутни големи бизниси, ама тие се поврзани со големите партии и тие се најгласните кои кажуваат дека во Македонија тешко се работи. Тие се поставуваат против добрите односи помеѓу двете држави. Тоа го поставува прашањето, како тие што се против добрите односи помеѓу двете држави можат да функционираат без проблеми, а тие што се за добри односи функционираат многу потешко. Таму е другиот одговор, има некои интереси – кои се различни од општествените и националните интереси, дојдоа до пикот во еден момент и тие ги наложуваат и зовриеноста и насоката на односите. Тие исти структури од двете страни се поврзани со Кремљ.

Доколку ние сме скарани, тоа значи нестабилност на Балканот, тоа значи ослабување на јужното крило на НАТО, тоа значи ослабнување на позициите на Бугарија во НАТО и ЕУ, тоа значи тешкотии за Македонија и од тоа корист може да имаат само противниците на НАТО, ЕУ на Бугарија и на Македонија. Попречувањето на Македонија на нејзиниот европски пат е апсурдно. Бугарија си нанесе многу длабока рана. Таа анкета во која 85 отсто од Бугарите го подржуваа ветото, беше некоректна. Јас патувајќи низ земјата, особено во Пиринска Македонија, гледам дека ставовите се дека ние треба да се зближиме, да соработуваме, но за жал медиумите, дури и посилно од политичарите, настојуваат да создадат многу отровна атмосфера, а и тие исто така се поврзани со определени пропаганди.

Сопственик на медиуми во Македонија кој беше со години против добрите односи помеѓу Македонија и Бугарија, беше предложен за почесен конзул на Бугарија во Македонија. Од друга страна, тие медиуми кои се против добрите односи помеѓу двете земји, многу често кога сакаат нешто лошо да претстават, не кажуваат тој и тој медиум изјавил така и така, туку цитираат, „според македонски медиуми“. Во бугарските медиуми никогаш не се спомена дека говорот против Бугарија во Македонија, сепак беше од медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ, додека медиумите блиски до СДСМ го немаа тој тон. Но, тука се кажуваше „македонските медиуми“.

Вие сте основач на Фондацијата Татковина. Кои се целите на ова фондација?

Јас сум еден од основачите на Групата за македонско – бугарско пријателство, но таа не треба да се поистоветува со клубот што беше во Битола. Нашата фондација нема ништо со Виктор Стојанов. Неговите дејствувања се само редица од провокации, и тоа е дел од моделот на руската пропаганда. Овие луѓе кои парадираат со национализам, секогаш се врзуваат со некакви четници, со војска, со некаква историја, тоа им дава храна на исти такви националисти во Македонија и со тоа само се храни конфликтот.

Друг важен елемент од руската пропаганда е црковната пропаганда, видовме што стана со црковното прашање. Кога Македонската православна црква се обрати до Бугарската православна црква, бугарската црква требаше да се обрати кон Вселенската патријаршија, но малку пред тоа да се случи, беше направен еден скандал помеѓу Вартоломеј и бугарското општество. Потоа нашите црковни великодостојници многу тешко можеа да се обратат кон Вартоломеј, откако тој беше многу жестоко нападнат во Бугарија. Тој беше обвинет за нешто што го немаше кажано. Тоа ја лиши Бугарската православна црква од можноста да игра клучна улога во решавање на црковниот спор на Македонската православна црква. После ова во Софија дојде и рускиот патријарх Кирил и работите тргнаа во сосема друга насока. Црквата е еден од инструментите на Кремљ за пропаганда, особено во православните држави.

Тоа што Бугарската православна црква и сега молчи, значи дека таа допушта двополов модел во Православието. Нема двополов модел во православието, овој модел е поставен од Русија, и со тоа што останува спорот околу името на Македонската православна црква, всушност тоа многу му служи на рускиот интерес. За жал долго време во нашата црква се избирани кадри кои, ќе цитирам еден мој пријател кој вели: „тие луѓе се Руси по душа“.

Има луѓе во Бугарија кои се определуваат како Бугари, а заеднички именител за нив е што тие ја сакаат Русија. Тоа е жално. Тие групи како на пример „В’зраждане“ („Преродба“ – проруска партија во Бугарија) ќе добијат не мал дел од гласовите на изборите во недела.

 

Како кандидат за пратеник во бугарското Собрание, кои ќе бидат вашите заложби, доколку бидете избрани, кога станува збор за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија?

Сите каузи на кои се обврзав како кандидат за пратеник нема да бидат сопрени и доколку не бидам избран на изборите во недела. Јас ќе продолжам да работам на тие каузи. Влегувам од политиката од граѓанскиот сектор. Не сум член на ниту една партија. Задачата ни е во Парламентот да ја прошириме граѓанската контрола, внатре во самиот парламент и понатаму во останатите институции. Затоа целосно ќе се залагам за изградба на инфраструктурните проекти помеѓу Бугарија и Македонија. Ако луѓето од Југозападна Бугарија и Источна Македонија покажат волја да се изградат тие проекти кои нè поврзуваат, тоа е голем аргумент да се реализираат. Кога тие остануваат само да чекаат политичка волја, многу е лесно да експлодира целата состојба.

Затоа ќе го посетам Кочани, да се сретнам со луѓето, да добијам повратна реакција. Поврзувањето на Благоевград со Кочани преку железница не е нова идеја, туку е стар проект повеќе од 80 години. За Бугарија оваа линија е клучна затоа што Благоевград ќе биде еден природен крстопат на Балканот. Во Македонија оваа линија од Кочани треба да продолжи по средината на државата и ќе биде ’рбет кој ќе ја поврзува целата држава. Подоцна од неа ќе има линии во сите насоки. Ќе поврзува многу населени места, каде има индустрија, рударство и земјоделство.

Врската помеѓу Кочани и Благоевград е многу подобра и поевтина отколку проектот Куманово – Ѓуешево.

Ја акцентирам железничката врска, бидејќи без неа не може да функционира големата индустрија. Има документи на ЕУ според кои во следните 2-3 децении целокупниот товар треба да биде насочен преку железницата.

Таа линија од централна Македонија ние ја гледаме да се развие од Благоевград на Исток кон Пиринско, Тракија и Црно Море. Амбицијата ни е преку Кочани и Велес, оваа линија да се развие до Јадранското море. Тоа го кажувам бидејќи Бугарија, Македонија и Албанија лежат на еден триаголник наречен „Трите мориња“. Тоа се Црно, Јадранско и Балтичко Море. Оваа иницијатива опфаќа 12 држави кои се наоѓаат во тој триаголник. Околу 20 отсто од европскиот БДП се наоѓа во тие држави. Ако ја вклучиме и Украина, тоа е пазар од 150 милиони потрошувачи.

Оваа пруга може да послужи како една артерија и околу неа да се врзат другите проекти. Таа не е конкурентна на сегашниот Коридор 8, а и тој коридор многу не ја опслужува Македонија, бидејќи поминува до северната граница.

Оваа линија ќе ја опслужува и стабилизира цела Македонија. Многу е значајна и од воен аспект. Оваа линија ќе ги поврзува НАТО базите во Криволак, Тракија и поморските бази и ќе даде многу полесна комуникација помеѓу нив.

Моја задача во парламентот и надвор од него е да го поставам овој проект на дневен ред. Ќе го ангажирам општествениот интерес во полза на тој проект.

Мој приоритет ќе биде и изградбата на граничниот премин Клепало, бидејќи од бугарска страна има многу малку за правење, а многу долго време не се прави. Тоа ќе доведе до развој на целата Малешевија.

Ќе се борам за многу поголема културна и медиумска кумуникација помеѓу двете земји. Ќе барам поставување на споменик на „Незнајниот јунак“ во Благоевград, кое е моја стара иницијатива. Сето тоа ќе продолжи.

БДЖ само од Софија до Благоевград ќе има 5 возови дневно во двата правца. Тие ќе бидат модерни возови, за неколку години можат да бидат пуштени и до Кочани и да се вратат назад до Софија и каде и да било. Како дел од програмата ми е и модернизација на целата линија од Кулата (н.з. граничен премин помеѓу Западна Бугарија и Грција) до Видин. Заради лошата железничка инфраструктура дел од товарниот сообраќај ја избегнува железницата.

 

Што очекувате од следните избори во Бугарија и можете ли да ни кажете нешто повеќе за улогата на лицата со двојно (македонско-бугарско) државјанство на претстојните избори во Бугарија? Очекувате ли силна поддршка од нив?

Моја желба е да составиме влада ние како коалиција – Демократска Бугарија и Продолжуваме со промената. Јас лично сум скептичен за коалицијата со ГЕРБ, многу ќе ги усложни задачите кои треба да се решаваат. Ветото кон Македонија беше за време на владата на ГЕРБ и Каракачанов, што беше голема грешка. Имам сериозни сомневања дека ГЕРБ се прозападни. Моја желба е да има влада на реформски сили, можно е Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија да имаат до 5-6 отсто предност. Втора варијанта е повторно да се оди на избори во октомври. Тоа е лоша опција, бидејќи претседателот Радев премногу долго време управува со техничка влада. Тоа ме плаши како опција.

За гласачите од Македонија, јас не сакам граѓаните да ме сакаат или да им се допаѓам. Јас сакам тие да ги препознаат моите заложби и идеи. Многу поважно за мене е луѓето од Македонија да ми ги прифатат иницијативите за железницата и поврзувањето во делот на културата, отколку да гласаат за мене. Имам пријатели кои ми кажаа дека ќе гласаат за мене, ако тоа ви беше прашањето, но во Бугарија е мала излезноста и за многу луѓе во странство е тешко да се организираат и да гласаат. Многу Бугари од Бугарија не гласаат, така што не мислам дека и многу граѓани од Македонија кои имаат двојни државјанства ќе гласаат.

Ако некој сака напредок на македонско – бугарските односи тој треба да гласа за коалицијата Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија. Со затоплувањето на односите помеѓу двете земји, многу лесно европската иднина ќе биде и во рацете на граѓаните од Македонија.

 

Што очекувате од посетата во Источна Македонија?

На покана сум на Стојан Рашков и првото што ќе го направиме да ја прегледаме трасата за идната железница Благоевград – Кочани, каде има некои траги од изградбата во минатото. Сакам да разговарам со граѓаните, да ги прашам дали им се допаѓа таа идеја, дали сакаат да бидат поврзани со железница до Благоевград, ќе имаме средби со градоначалници. Имам големи очекувања од таа посета. По претставувањето на оваа старо – нова идеја, имам позитивен одговор од многу луѓе во Источна Македонија и сето тоа ме охрабрува дека сме на вистинскиот пат.

Пишува: Горан Лефков

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...