Стручното жири на овогодинешниот меѓународен фестивал на кратки филмови ФИЛМАЈ ги објави наградените и селектираните филмови.
Наградата „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија ја добива Самир Карахода од Косово за филмот „Изместени“, чија премиера беше во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал минатата година и до сега освои повеќе награди на престижни фестивали.
Владимир Самоиловски е добитник на наградата „Радислав Ристевски“ за најдобра фотографија/кинематографија за неговата работа во македонскиот филм „Северен Пол“, а „Ангелос на Божиќ“ (Грција) на Фотис Зампетакис е добитник на награда „Козјак“ за најдобро сценарио.
„Обичната Ели“, режиран од Лавинија Софрониевска е добитник на награда за најдобар домашен (македонски) филм.
Новосоздадена ФИЛМАЈ награда за најдобар краток филм се доделува на „Самa“ (Хрватска, во режија на Борна Зидариќ), според заедничка одлука на членови на фото-кино клуб „Козјак“ – Куманово.
Во селекцијата за четвртото по ред издание на ФИЛМАЈ, комисијата ги одбра венецуелскиот „Импровизирана земја“, „Вистинските зборови“ од Франција, италијанскиот „Свет син“, швајцарскиот „Натпревар“, блискоисточниот „Небески труби“, како и студентскиот документарен филм „Мачор“ на авторката Тина Величковиќ. На фестивалот ќе се прикажат и селектираните филмови „Work It Class“ од Шпанија, австралискиот „Мајсторот“ и „Сочувствување“ (САД).
Фестивалската проекцијата ќе биде на 2 јуни 2022, во НУЦК “Tрајко Прокопиев” – Куманово.
Стручното жири на овогодишниот ФИЛМАЈ беше составено од три члена: Сезер Салихи (сценарист и режисер), Косара Митиќ (сценарист и режисер) и Филип Илиевски (член на фото-кино клуб „Козјак“).