Закана за поставена експлозивна направа денеска на своите електронски адреси добиле вкупно 18 училишта. Од нив, 16 се во Скопје, а две училишта во Куманово, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР).
Освен на електронските адреси на училиштата, заканата била упатена и на приватните меjлови на деветмина професори од истите училишта.
Ова е трет ден по ред како училишта во Скопје и во други градови добиваат закани за поставена бомба. Во вторникот лажни дојави за поставени експлозивни направи во едно скопско училиште добија 14 професори, а вчера дојави, за кои исто така се утврди дека се лажни, добија 16 скопски и четири прилепски училишта.
Од МВР информираа дека по денешните упатени закани полициски службеници преземале мерки за безбедно евакуирање на објектите, во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Лажните закани за поставени бомби повторно се активираа од почетокот на второто полугодие од учебната година, а во земјава ваквите дојави за првпат се појавија на 26 октомври лани. Испраќањето на лажни дојави за бомби во Македонија започна откако претходно и други балкански земји се соочија со овој тип на хибридна закана.