Фото: Арбнора Мемети

Новите мерки за заштита од ковид, доколку се почитуваат, за три до четири недели треба да дадат резултати и да го намалат притисокот врз болниците, објасни министерот за здравство Венко Филипче

– Целта на мерките, доколку се почитуваат, е да дадат резултат. Циклусите на промени се 3 до 4 недели, од воведување на мерките до детекција на намалување на бројот на заболени. Би требало да имаме видливи резултати и притисокот кон болниците да спласне, изјави Филипче на приемот на донацијата на респиратори од НАТО.

Министерот изјави дека во болницата „8 Септември“ се спремни кадарот и новите оддели наменети за прием на пациенти со ковид и би требало да почнат да функционираат викендов или на почетокот на следната недела. Интернистите од приватното здравство кои се пријавија да помагаат во справување со пандемијата, информираше Филипче, ќе бидат распоредени во две групи, една во Скопје и една во болниците низ земјата.

– Интернистите ќе дежураат во 12-часовни смени, од 20 до 8 часот, а надополнувањето на кадарот на јавното здравство веднаш ќе се осети, рече министерот.