„Фејсбук“ се соочува со тужби за купувањето на „Instagram“ и „WhatsApp“

Facebook Фејсбук
фото: Simon на Pixabay

Компанијата „Фејсбук“ доби антимонополска тужба во која се тврди дека гигантот за социјални мрежи ја нарушил конкуренцијата со купување на помали компании како „Инстаграм“ (Instagram) и „Ватсап“ (WhatsApp) со намера да ја отстрани заканата што тие дотогаш ја претставувале за неговиот бизнис. Тужбата беше поднесена во средата од страна на јавниот обвинител на Њу Јорк, Летисија Џејмс, а кон тужбата се приклучиле четириесет и седум други државни и регионални јавни обвинители.

Судската постапка се однесува на стекнувањата на „Фејсбук“ со неколку компании, особено на неговото купување на Инстаграм за 1 милијарда долари во 2011 година. Јавните обвинители тврдат  дека „Фејсбук“ ја искористил својата моќ за да го задуши растот на конкурентните компании.

„Речиси една деценија Фејсбук ја користи својата доминација и моќ за монопол за да ги уништи помалите ривали и да ја отстрани конкуренцијата“, изјави обвинителката Џејмс.

Федералната комисија за трговија на САД, пак, покрена посебна тужба против „Фејсбук“ по слична основа. Но, оваа тужба оди подалеку од државните, затоа што Федералната комисија бара од судот да ги поништи стекнувањата на „Инстаграм“ и „Ватсап“ и двете компании повторно да функционираат посебно и независно од „Фејсбук“.

„Наша цел е да го одвратиме антиконкурентското однесување на Фејсбук и да ја вратиме конкуренцијата за да можат иновацијата и слободната конкуренција да напредуваат“, изјави Јан Конер, директорот на Бирото за конкуренција на Федералната комисија за трговија.

Преку соопштение до јавноста, од „Фејсбук“ рекоа дека обете аквизиции биле расчистени од регулаторните агенции и дека нивното поништување ќе претставува опасен преседан.

На сослушувањето на извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Цукерберг, од страна на поткомитетот за антимонопол на Претставничкиот дом на САД летово, беа презентирани мејлови во кои извршниот директор на „Фејсбук“ својата намера за купување на Инстаграм ја опишува како „начин да се неутрализира конкурентот, истовремено подобрувајќи го Фејсбук со инкорпорирање на функциите кои конкурентот (Инстаграм) ги измислил, пред некој друг стартап да најде доволно време да нè достигне и да претставува слична закана“.

Државната тужба против Фејсбук се однесува и на тоа дали Фејсбук со стекнувањето на компаниите ги направил производите (Инстаграм и Ватсап) полоши од гледна точка на корисниците, особено во однос на приватноста. Фејсбук подолго време тврди дека токму неговите ресурси се причината што апликациите како „Инстаграм“ и „Ватсап“ се претвротиле во гигантски платформи со милијарда корисници.

Судскиот процес против „Фејсбук“ е уште еден голем напор на американските власти да ги зауздат големите технолошки компании, откако Министерството за правда во октомври поднесе тужба против „Гугл“ (Google) за наводна нелегална монополизација на пазарот за пребарување и реклами на Интернет.