„Евротинк“ објави анкета за анализа на состојбата на младите во општина Бутел

Илустрација: Фисник Џелили, Порталб.мк

„Евротинк“ – Центар за европски стратегии врши истражување на перцепцијата, потребите и учеството на младите во Општина Бутел, во осум приоритетни области предвидени со Националната стратегија за млади 2016-2025, информираат од „Евротинк“.

„Доколку припаѓате на категоријата млади од 15 до 29 години, ве покануваме да се вклучите во процесот на креирање младински политики во вашата општина со одговарање на прашалникот. Наодите кои ќе се добијат од ова истражување ќе се користат во креирањето на Локалната стратегија за млади на Општина Бутел од страна на членовите на работната група“, се наведува во поканата од „Евротинк“ до младите од скопската општина Бутел.

Онлајн анкетата ќе опфати 600 испитаници кои влегуваат во рамки на категоријата млади (15 – 29 години) дефинирана со Законот за младинско учество и младински политики.

Истражувањето се спроведува во рамки на проектот „Општина Бутел отворена за младите“, финансиран од Европската Унија во рамки на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата″ спроведуван од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА.

Општата цел на проектот „Општина Бутел отворена за младите“ е да придонесе кон овозможување и поттикнување на младинското учество во спроведувањето на локалните младински политики и во носењето одлуки за локални младински прашања.

Сите заинтересирани млади, анкетниот прашалник на македонски, албански и турски јазик, можат да го отворат на следниов линк.