Photo by Timon Studler on Unsplash

Пандемијата и затворањето на економиите доведоа до голем пораст на бројот на работници кои отсуствуваат од работа, работат скратено време или останаа без работа. Поради овие три причини, на ниво на Европска унија се намалени и приходите на вработените за околу 5 отсто, во однос на приходите остварени во 2019 година, а најлошо според истражувањето на Евростат за влијанието на пандемијата, поминале Хрватите, пишува Вечерњи лист“. 

Вработените и оние кои се водат како самовработени во Хрватска останале со 10,6 отсто помал приход, од оној остварен во 2019 година. По нив се Грците, Французите и Кипарците, чии загуби се над 7 отсто. Најмали загуби на приходот имаат Латвија, Унгарија, Данска и Шведска, со тоа што во анализите на Евростат не се вклучени загубите од вториот бран на ковид-19.

Најмногу вработени отсуствувале од работа поради боледувања, привремен недостиг од работа или намален број на работни часови.

Евростат проценува дека поради затворањето на фирмите во април годинава, бројот на отсутните работници и намалениот број на работни часови, се движеле од 1 до 50 отсто во најзагрозените држави. Во околу половина од членките на ЕУ учеството на лицата кои работеле со 80 отсто или со помалку часови, надминува 20 отсто, додека во останатите 11 земји тоа учество е меѓу 11 и 20 отсто. Загубите на приходите од работен однос се според неколку причини: останување без работа или непродолжување на договорите, привремени отпуштања со задржување на работното место и останување на работа со скратено работно време.

На ниво на ЕУ најголеми загуби на приходи се евидентирани во туризмот и угостителството, минус 16, 8 отсто, а потоа во секторот уметност и забава, минус 10,9 отсто. Во Хрватска учеството на загубениот приход е минус 13 отсто и е најголем во групите на вработени со пониски примања.