fbpx

Европската комисија бара да се проверуваат сите што влeгуваат во шенген-зоната

-

Европската комисија денеска предложи претходна проверка за секој кој од трета земја влегува во шенген-зоната на Европската Унија, дури и ако земјата има безвизен режим. Со овој потег, ЕУ би применила сличен систем кој веќе постои во САД.

Предложениот систем, ЕТИАС (Систем на ЕУ за информирање и за одобрување патувања) ќе биде сличен на американскиот систем ЕСТА и ќе бара од луѓето да платат одредена сума пари и да дадат детални информации за себе при влегувањето во шенген-зоната.

– Ние мораме да знаеме кој ги минува нашите граници. До ноември, ќе предложиме автоматизиран систем кој ќе дозволува да се патува во Европа. На овој начин ќе знаеме кој ќе патува во Европа уште пред да пристигне – изјави претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Заменик претседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, вели дека безбедноста на европските граници и заштитата на европските граѓани е нивен прв приоритет.

– ЕТИАС ќе го затвори информацискиот јаз меѓу вкрстената проверка на апликантите за виза и нашите други системи. Истовремено, идниот ЕТИАС ќе биде лесен, брз, евтин и ефикасен – рече Тимерманс.

Според еврокомесарот за внатрешни работи и за миграција, Димитрис Аврамопулос, системот е линкот што недостига во управувањето со границите.

– Ќе ги поврзе точките во нашите миграциски и безбедносни политики и ќе го отежни влезот во шенген-зоната за 95 отсто за тие што патуваат без виза. Не може да се дозволи отвореност на Европа на грбот на безбедноста – рече Аврамопулос.

Еврокомесарот за безбедност на ЕУ, Џулијан Кинг, рече дека на терористите и на криминалците не им е гајле за националните граници.

– Единствен начин да ги победиме е ефикасно да работиме заедно. ЕТИАС ќе ни помогне да го направиме тоа, да ги забележиме проблематичните индивидуи и да ги сопреме, да не дојдат во Европа. Така Европа ќе ја зајакне внатрешната безбедност – рече Кинг.

Лицата што ќе патуваат најверојатно ќе треба да платат по 5 евра, а лицето останува во системот сè додека им важи пасошот. Одговорот на барањето за патување во Европа ќе се добива истиот ден кога ќе се поднесе барањето за патување.

Граѓаните на сите земји кои уживаат безвизен режим ќе мора да поднесат пријава доколку сакаат да патуваат во земјите од европскиот блок. Тоа се однесува на граѓаните на Македонија и на другите земји од Западен Балкан, Молдавија и, евентуално, на жителите на Украина и на Грузија, кои во моментов се во процес на добивање визна либерализација за шенген-зоната.

Доколку членките на ЕУ и Европскиот парламент го одобрат овој предлог, тој би требало да стапи на сила до 2020 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Марш за видливост на трансродовите лица утре пред Влада

Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ соопшти дека во пресрет на 31 март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, утре со почеток...