Извор на фотографија: Влада на РСМ (јули 2020)

Советот на ЕУ денеска ја усвои препораката за укинување на привремените ограничувања за патување во Европската Унија за граѓани од 15 држави од светот, каде здравствената состојба со корона вирусот се смета за доволно безбедна за тие слободно да можат да патуваат во државите на ЕУ. Притоа, се потенцира дека таа нема законски карактер и земјите-членки самите се одговорни за нејзиното спроведување.

„Земјите-членки можат постепено да ги зголемуваат патните ограничувања само за наведените земји. Не треба да се укинат ограничувањата за патување за оние држави што не се на списокот“, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Ова практично значи дека на граѓаните на државите од списокот автоматски и под истите услови не им е дозволено да влезат во сите земји-членки на ЕУ. На списокот на земји на чии државјани од денеска им се отворени границите за влез во ЕУ се: Србија, Црна Гора, Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис, Уругвај и Кина. На листата не се наоѓаат САД и Бразил.

Данска, Португалија и Австрија не го прифатија списокот, а како земји-членки на ЕУ, имаат право самостојно да одлучуваат за своите граници. Советот на ЕУ потенцира дека овој список ќе се ажурира на секои две недели во согласност со најновите епидемиолошки податоци за ковид-19. Германија уште нема одлука дали и под какви услови ќе дозволи влез на граѓаните од државите од „договорениот список“, а Чешка веќе сооопшти дека ќе ги отвори своите граници само за осум земји од оваа листа, при што за Србија и Црна Гора „без ограничувања“, односно без тестови и карантин.

Албанија, БиХ, Северна Македонија и Косово не се на овој список, бидејќи до 15 јуни имале регистрирани по повеќе од 25 заразени на 100.000 жители, а просекот во ЕУ за овој период изнесувал 13 регистрирани случаи на 100.000 жители. Ова значи дека од денеска во земјите-членки на ЕУ ќе можат да патуваат единствено 100.000 Македонци. Според „Евростат“, над 50.000 македонски граѓани поседуваат бугарски пасош во земјава, а над 50.000 имаат стекнато државјанство од други ЕУ-земји.

Инаку, минатата недела, земјите-членки на ЕУ изготвија „нацрт список“ од 15 држави, чии граѓани можат од 1 јули непречено да ги минуваат надворешните граници на ЕУ. Европската комисијата предложи Западен Балкан да биде меѓу првите на списокот, наведувајќи ги блиските односи на ЕУ и поради политиката за интеграција на регионот. Хрватска, како членка на ЕУ, минатата недела соопшти дека за патниците од Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Северна Македонија ќе има изолација од 14 дена, поради зголемувањето на бројот на заболени со ковид-19 во овие земји.

Странските медиуми коментираат дека ЕУ се одлучи на овој чекор за да го спаси туризмот, дејност на која и припаѓа една десеттина од сите фирми во ЕУ и која вработува приближно 13,6 милиони луѓе.