Куќа од скопска населба, без изолација, која сега едвај се загрева на дрва со што придонесува и за загадување на воздухот, може да стане три пати енергетски поефикасен објект со исто толку помал учинок врз воздухот кој го дишеме. Но, за тоа треба институционална и парична поддршка бидејќи инвестицијата е голема за просечно семејство и се враќа за околу 30 години.
Ова се вели во студија на случај на Еко-свест, објавена во детална Анализа на усогласувањето и спроведувањето на законодавството за енергетска ефикасност, а во однос на тоа како типичен дом на четиричлено семејство од скопската населба Козле, какви што има илјадници низ државата, може да доживее транформација.
Во студијата на случај се вели дека куќата има 57 квадратни метри, изградена со цигла и малтер пред повеќе од 60 години, нема изолација на ѕидовите и таванот, има стари прозорци и се загрева со печка сместена во кујната за што во зимската сезона троши околу 4 кубни метри огревно дрво.
Како и многу други домаќинства, во оваа куќа се загрева само нешто под половина од просторот, односно 27 квадратни метри. Со тоа другите простории се ладни и ја влечат топлината од кујната со што не дозволуваат ниту во греените простории да се развие повисока топлина. Имаат и топлинска пумпа, но не ја користат поради цените на електричната енергија.
Во анализата стои:
– Истражувачите пресметаа дека ако се постави изолација на надворешните ѕидови со дебелина од 20 сантиметри инвестицијата ќе ги чини 542 илјади денари, а тоа годишно ќе им донесе заштеда од 18 илјади денари. Инвестицијата целосно ќе им се врати за 29 години.
– За поставување на топлинска изолација на таванот домаќинството ќе треба да вложи 43 илјади денари, со што ќе добие годишна заштеда од околу 670 денари. Инвестицијата ќе им се врати за 64 години.
– За замена на сите дрвени прозорци и врати со енергетски ефикасни ќе треба да вложат над 63 илјади денари. Со тоа годишно ќе штедат околу 590 денари, со што инвцестицијата ќе ја вратат за повеќе од 1 век.
„Ако се применат сите овие мерки на оваа куќа таа ќе троши 72% помалку енергија односно ќе стане енергетски ефикасна. Притоа, за најголема заштеда ќе придонесе изолацијата на надворешните ѕидови, мерка со која може да зачуваат дури 64% од топлинската енергија. Изолацијата на таванот ќе придонесе за 6% заштеда, а вкупната количина на огревно дрво кое ќе му биде потребна на домаќинството да го загрее целиот објект ќе спадне на 1,5 м3 огревно дрво споредено со претходните 4 м3 кои ги трошат за загревање на помалку од половината од објектот. Емисиите на јаглерод диоксид и на суспендираните честички ПМ-10 и ПМ-2,5 ќе се намалат за 3,5 пати“, велат од Еко-свест.
Меѓутоа, како што велат од Еко-свест, за да се изведе оваа трансформација, на домаќинството ќе му бидат потребни над 10 илјади евра, пари кои многумина не можат да си ги дозволат.
„За поддршка на трансформацијата на ваквите домаќинства засега нема никаква поддршка или информациони точки каде граѓаните може да се информираат за достапните алтернативи и начини како да станат енергетски поефикасни или да добијат стручно советување“, велат од Еко-свест додавајќи дека е неопходно е итно активирање на Фондот за енегетска ефикасност кој долго време е
во најава.
Фондот ќе даде можност на домаќинствата да ги спроведат сите овие мерки и да го подобрат стандардод со грантови, а на Владата ќе и овозможи постојани јавни пари за финансирање на мерките за енергетска ефикасност, сметаат од организацијата.