Ендемски растенија и колонии на птици во опасност од пожарот на Галичица

Од двата национални паркови се убедени дека пожарите на нивните територии не настануваат намерно, заради обезбедување на економска корист од опожарената дрвна маса, туку од невнимание или од небрежност

Фотографија преземена со дозвола

Ендемско тревесто растение, кое што го има само на Галичица и гнезда на колонии на жолтоклуните галки се во опасност од големите пожари кои во моментов се актуелни во строго заштитената зона на Националниот парк „Галичица“. Веќе неколку денови гори и во Националниот парк „Маврово“, на Врбенска планина каде е опожарена нискостеблеста вегетација и елова шума над селото Врбен. Од двете институции информираат дека точните површини кои се уништени ќе се знаат дури откако ќе се изгаснат пожарите, а штетите за биодиверзитетот и природата несомнено е дека ќе бидат многу големи.

На Галичица пожарите се на многу непристапен терен на над 2.000 метри надморска висина, каде може да се стигне само пеш. Од Националниот парк информираат дека пожарот започнал на делот на планината што припаѓа на Албанија и се префрлил кај нас, а гори букова шума.

„Овој пожар е распространет во делот од паркот што е под строга заштита каде има исклучителна биолошка разновидност. Гори на местото каде што е единственото наоѓалиште во светот на тревесто растение, а загрозени се и гнездата на жолтоклуната галка, која може да си замине и да не се врати овде“, вели Андон Бојаџи од НП „Галичица“ и додава дека границите на пожарот и длабинската анализа на штетите ќе се прават откако ќе биде изгаснат огнот.

Од двата национални паркови се убедени дека пожарите на нивните територии не настануваат намерно, заради обезбедување на економска корист од опожарената дрвна маса, туку од невнимание или од небрежност. Во Галичица сечата на шума не постои веќе неколку години, па ниту ова дрво нема да се искористи за таа намена, додека пак во Маврово секоја година се организира селска сеча за жителите на селата кои се дел од паркот.

„Локалното население секоја година има право да исече дрво за сопствена употреба, а цената на тоа е многу пониска од пазарната. Верувам дека е точно дека најголемиот дел од пожарите се предизвикани од човекот, но мислам дека овие во националниот парк не се со намера туку се од невнимание“, вели Самир Ајдини, директор на НП „Маврово“.

Центарот за управување со кризи соопшти дека до вчера, освен овие во националните паркови, имало вкупно 49 пожари на отворен простор, од кои 12 биле активни, седум под контрола и 30 изгаснати.

Според податоците од ЈП „Национални Шуми“, во изминатиот месец јули, за 20 дена се случиле рекордни 765 пожари, а во првите 12 дена од овој месец имало 438 пожари, од кои над 50 шумски. Заменик директорот на јавното претпријатие, Кире Михаилов вели дека засега не може да се утврди точната површина која изгоре, бидејќи има случаи на повторно разгорување на веќе изгаснати пожари и зголемување на уништените пространства. Тој најавува дека Национални Шуми планира да вложи во свои капацитети за преработка на опожарено дрво, за тоа да не завршува кај приватните фирми.

„Како и секогаш кога ќе се случаи пожари и сега ќе имаме обврска да ја посечеме опожарената дрвна маса и да го расчистиме теренот, пред да одлучиме дали ќе оставиме време да се самообнови или ние ќе интервенираме со засадување. Ние немаме услови, па за сечата ангажираме приватни фирми кои и го преработуваат дрвото. Сметам дека треба да се заложиме Национални шуми да обезбеди капацитети за да го прави тоа, бенефитот да остане во државната фирма, па на тој начин да ги избегнеме и сите можни сомнежи за економски мотивирани пожари“, посочува Михаилов.

Мета.мк оваа година веќе пишуваше дека во последниве години никој не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Според податоците од Кривичниот суд од 2022 до април 2024 година, нема таква пресуда ниту пак е поднесен обвинителен акт или предлог од страна на Јавното обвинителство.

Најчесто, предизвикувачите на пожарите се гонат по друго кривично дело, за кое има пониски казни – предизвикување општа опасност. Според документите од Кривичниот суд, 34 пресуди се донесени од 2022 до април годинава за предизвикување општа опасност, но не сите се однесуваат за предизвикување пожар. На пример, под предизвикување општа опасност може да се вклучи и опожарување на возило, пукање со огнено оружје на прослава и сл. Па така, не може да се добие прецизна статистика за тоа колку точно пресуди се донесени за предизвикување општа опасност, поради предизвикување пожар. Пресудите за најголемиот дел од делата предизвикување општа опасност се условни казни, нешто што јасно укажува дека и покрај опасноста од предизвикувањето пожари, сторителите се соочуваат со минимални казни.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар