Оливер Андонов, кој стана министер за внатрешни работи на само еден ден, 1 септември 2016 година, а следниот ден си даде оставка, по што во втората техничка влада на Емил Димитриев беше назначен за дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, од вчера официјално е директор на Јавното претпријатие „Јасен“, се гледа од решението за пререгистрација на ЈП „Јасен“ објавено на веб-страницата на Централен регистар.

Решението е издадено вчера. Дотогаш директор на „Јасен“ беше Сашо Бановски.

Во текот на вчерашниот ден Оливер Андонов не сакаше ниту да ги потврди ниту да ги демантира шпекулациите дека ќе биде нов директор на „Јасен“. Ова јавно претпријатие се актуелизираше откако магазинот „Фокус“ во петокот објави дека во „Јасен“ се подготвува кризен штаб, во кој би се евакуирал врвот на државата заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во случај на евентуална воена состојба. Во понеделникот во голем број медиуми се појавија информации дека Андонов е назначен за директор на „Јасен“.