Шеснаесеттото издание на меѓународната конференција „е-Општество.мк“ на тема „Вклученост и ефективност-доброто владеење и интернетот“ започна денеска и за прв пат поради ковид-19 пандемијата се организира целосно онлајн. Настанот е во организација на Фондацијата за Интернет и општество „Метаморфозис“, а нејзиниот извршен директор Бардил Јашари во воведното излагање на почетната сесија се задржа на последиците што ги донесе ковид-19 врз дигитализацијата во општеството.

„Некако добива уште повеќе смисла називот на конференцијата е-Општество, бидејќи оваа година не само конференцијата, туку и заради пандемијата сме приморани многу нешта да правиме онлајн. Работиме, организираме состаноци, обуки, вебинари, конференции, децата учат онлајн, и е-Општество станува реалност“, изјави тој.

Тој рече дека никој не сака е-Општество кое ни е наметнато, поради какви било несреќни околности, како што е ковид-19. Сакаме е-Општество каде што онлајн работата, учењето и забавата е наш избор, каде што ќе се чувствуваме безбедни, знаеме компетентно да ја користиме технологијата, за да бидеме поефикасни во нашата работа и таа дигитална трансформација што сите ја доживуваме да се обликува според нашите приоритети и потреби.

„Колку ќе биде успешна дигиталната трансформација и колку ќе придонесе за нашето поквалитетно живеење зависи од тоа колку ќе бидеме активно вклучени во создавањето на простор односно средина која вклучува техничка инфраструктура, но и институционална и законска рамка која ќе придонесе вистински технологијата да се користи за добро“, рече Јашари.

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири во своето излагање на конференцијата истакна дека Владата во наредниот период ќе работи на намалување на дигиталниот јаз.

„Според истражувањето и проекциите на ЕУ, во 2020 година дури 90 проценти од работните места ќе бараат одредено ниво на дигитални вештини“, изјави Шаќири.

Тој потенцираше дека тие ќе работат на унапредување на дигиталните вештини на целокупното население, вклучувајќи ги и младите, и старите, и наставниците, и администрацијата, и мажите, и жените, и оние од руралните подрачја и оние од градовите.

„Мора да обезбедиме сите граѓани да можат да ги користат сите придобивки од новите технологии“, изјави министерот Шаќири.

Според министерот, бидејќи МИОА е координатор на иницијативата за отворено владино партнерство, со тоа се потврдува и заложбата за континуирано подобрување на владата и на отворени, транспарентни, ефикасни и сигурни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните.

Во рамките на оваа иницијатива, појасни министерот Шаќири, вклучен е процесот на ко-креирање на Петтиот национален акциски план на отворено владино партнерство за период 2021-2023 година, кој се фокусира на следните приоритетни области: транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност. Тука се и спречувањето на корупцијата и доброто владеење, испораката на јавните услуги и пристапот до правда, изјави тој.

„Секако приоритетни области во својот опфат ги промовираат и целите за одржлив развој на државата, но и особено внимание се посветува на ковид-19 пандемијата врз соодветни области“, рече Шаќири.

Кристина Реинслау, програмска директорка за е-Демократија во E-governance Academy, Естонија во своето денешно излагање на конференцијата го претстави позитивниот пример на Естонија за брзата и успешна дигитална трансформација на општеството и вклучувањето на заедниците во неа.

„Мојата прва препорака за било која земја или организација е да создаваат паметни партнерства во рамките на општествата“, порача Реинслау.

Во случајот со Естонија, ова било можно како резултат на прогресивната влада, проактивниот ИТ-сектор, но и самото општество. Притоа, важно било партнерството креирано меѓу владата и граѓанските организации, кое резултирало до носење паметни решенија.

„Естонија е навистина добар пример за граѓанско вклучување и дигитално општество бидејќи многу различни процеси се случија истовремено. Нашата независност, технолошката револуција и развојот на граѓанска и политичка култура“, изјави таа.

Таа објасни дека иновацијата не се случува кога ги имате сите ресурси на располагање, туку сосема спротивното, кога немате доволно ресурси за да бидете креативни и иновативни. Како естонско општество, ние се одлучивме паметно да ја користиме технологија како начин за изградба на безбедно, инклузивно и активно општество.

Второто важно позитивно искуство од Естонија е владата да работи со граѓаните во поттикнувањето на користење на интернетот и создавање на услугите онлајн. Естонската влада во соработка со приватниот сектор постојано ги поттикнувала граѓаните да прераснат во напредни корисници на интернетот. Притоа, Кристина Реинслау нагласи дека уште во 1997 година започнал проект за воспоставување на компјутеризирани училници во училиштата, доведување на интернет до сите школи, овозможување на бесплатен интернет за учителите и студентите, а паралелно на ова, и бесплатни интернет курсеви за да се зголеми дигиталната писменост.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во РСМ, Дејвид Гир во своето обраќање на конференцијата изјави дека за да има придобивки од дигиталната револуција, треба многу работи да си бидат на место.

„Треба да имаме инфраструктура и повторно инвестициониот план да е нацртан за да се помогне развојот на ваквата инфраструктура. Исто така, треба да има регулаторна рамка што ќе направи да бидеме сигурни дека ова е едно фер-поле за игра“, изјави Гир.

Тој посочи дека во рамките на образованието, многу е важно да се разбере важноста на медиумската писменост и разбирањето на можноста да се вклучиме во сите предизвици коишто доаѓаат со дигитализацијата. Тој го наведе примерот со организацијата Метаморфозис, која имаше многу примери, за жал, како пласирањето на лажните вести може да се злоупотреби.

Воедно, евроамбасадорот Гир посочи дека еден начин каде што ЕУ ѝ помага на Северна Македонија е поддршката за е-услугите за компаниите и за граѓаните.

„Сега граѓаните можат да добијат податоци онлајн, наместо да чекаат во редици. Други поддршки се нацртот на дигиталната стратегија, и како што министерот кажа, група на ЕУ експерти работеа со МИОА и националните експерти и ИКТ стратегијата ќе биде базата за нови активности и буџетско планирање за дигиталната трансформација на македонското општество“, рече евроамбасадорот Гир.

Крис Ворман, виш директор за здружување и вклучување на заедници од Techsoup Global на денешната конференција посочи дека технологијата напредува и ние треба да бидеме подготвени да отидеме во истиот правец и со истото темпо.

„Многу работни позиции во невладиниот сектор беа елиминирани. Некои НВОа не можат да држат чекор, доколку сите тие ја загубат својата работа, и ние ја губиме нашата“, рече Крис Ворман.

Тој дополни дека само околу 30 отсто од невладините организации имаат воопшто некаква поддршка за ИТ сектор.

„Голем дел од нив никогаш немале дигитална технологија, но сепак се приморани да учествуваат во дигиталниот развој. Јас не ги обвинувам корпорациите коишто произведуваат технологија, но ние на овие организации мора да им помогнеме за да се воведат во овие технологии“, рече тој.

Ворман појасни дека треба да ја користиме основната структура која што е на располагање за дигитализација на општеството. Таа основна инфраструктура за дигитализација има неколку компоненти, при што ако една од нив се одземе, може целата да се распадне.

„Првата е поврзаност, дали луѓето имаат интернет. Втората е алатки, дали луѓето имаат алатки за користење на Интернетот, третата е дали имаат вештини за користење на интернетот, четвртата се политиките, дали има доволно политики што ќе се грижат дека граѓанското општество ќе може да го користи Интернетот безбедно и последното е дали имаме заедници за учење, односно места каде што луѓето можат да се развиваат и да учат како што се менува технологијата. Сето ова заедно може да создаде еден еко систем, каде што општеството ќе може да биде созреано дигитално и да ја постигне дигиталната трансформација што ја дискутиравме“, појасни Ворман.

Конференцијата продолжува утре (26.11.2020 г.) од 10:00 часот. На утрешниот ден во две посебни сесии ќе се говори за улогата на истражувачкото новинарство кон доброто владеење, како и отвореното дигитално образование. Денот ќе заврши со онлајн работилница на тема „Безбедност и приватност-клучни предизвици во дигитализацијата на образованието“. Повеќе детали за говорниците кои ќе имаат свои излагања во текот на утрешниот ден на следниот линк: e-society.mk.