fbpx

ДЗС: Негативниот природен прираст на населението лани изнесувал минус 601

-

Природниот прираст на населението во државава минатата година е негативен, минус  601, односно за толку имало повеќе починати лица отколку родени. Во градските подрачја негативниот природен прираст изнесувал минус 1.059 лица, наспроти позитивниот во селските, плус 458 лица. Во шест региони во државава имало појава на негативен природен прираст, и тоа во: Вардарскиот, Источниот, Југозападниот, Југоисточниот, Пелагонискиот и Североисточниот Регион, објави Државниот завод за статистика, ДЗС.

Вкупниот број на живородени деца во 2019 година изнесувал 19.845, од кои во градските подрачја 11.772 деца или 59,3 отсто, наспроти 8.073 живородени деца или 40,7 отсто во селските. Најголемо учество во однос на вкупнот број раѓања по региони има Скопскиот, со 38,1 отсто, а најмало Источниот Регион, со 6,3 отсто. Просечната возраст на мајката во градските подрачја била 29,8 години, во споредба со 28,2 години во селските, а просекот на возраста кај првото раѓање во градските средини изнесувал 28,5 години, во однос на 25,9 години во селските.

Лани починале вкупно 20.446 лица, од кои бројот на умрените во градските средини бил 12.831 лице или 62,8 отсто од вкупниот. По региони, најголем бил бројот на умрени во Скопскиот, со 29,9 отсто учество во вкупниот број, а најмало учество имал Североисточниот Регион, 8,1 отсто. Бројот на починати доенчиња во градските средини изнесувал 66, а во селските 46.

Според ДЗС, просечната возраст на умрените во градските подрачја изнесува 73,7 години, во однос на 73,8 години во селските.

Статистичките податоци за внатрешните миграции на ниво на региони покажале дека најголемо учество, од 36,3 отсто, имале преселбите од село во град, додека меѓу-градските преселби учествуваат со 8,2 отсто. При тоа, во вкупните миграции на ниво на регион, од село во град, најголемо е учеството на Источниот Регион, со 51,8 отсто, додека во Полошкиот Регион имало најмногу меѓу-селски преселби, или 61,5 отсто. Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот Регион (плус 1.233), а најмало во Југоисточниот Регион (минус 58).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...