fbpx

Државата најави ригорозни казни, ЗНМ бара за напади врз новинари да се постапува по службена должност

-

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ќе побара од Министерството за правда во новите измени и дополнувања на Кривичниот законик во делот за казни за напади врз новинари и медиумски работници, најавени од министерот за правда, Бојан Маричиќ, да се вклучи и проширување на надлежностите на обвинителството да постапува во овие случаи, пишува „Порталб.мк“.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски за „Порталб.мк“ изјави дека ова здружение ќе побара од Министерството за правда да ги прошири надлежностите на обвинителството за да може да постапува по службена должност во кривични дела поврзани со напади и закани кон новинари и зголемување на казните за напаѓачите.

„Од Министерството за правда побаравме интервенција во Кривичниот законик преку кој на Јавното обвинителство ќе му се даде дополнителна надлежност да постапува по службена должност во одредени ситуации кога на новинарот му е повредено правото за време на службената должност, како и да се предвидат поголеми казни за оние кои ги извршуваат овие дела. На овој начин, ќе бидат решени некои од предизвиците и новинарите ќе бидат поштедени од скапите судски постапки, кои не се секогаш во можност сами да ги иницираат“, рече Чадиковски.

Покрај тоа, ЗНМ ќе побара специјална единица во рамките на Јавното обвинителство, која ќе се занимава со гонење на напади врз новинари.

„Исто така од Основното јавно обвинителство побаравме формирање на специјална единица за гонење на напади врз новинари. Очекуваме ова да се реши наскоро, првично со тоа што ќе се обврзе обвинител и негови соработници итно да ги процесуираат овие настани. Обвинителството што ќе ја има оваа обврска, не само да ги гони нападите врз новинари и медиумски работници во иднина, туку и да истражува постари случаи. Се очекува дека само на овој начин ќе се подобри негативната практика на неказнивост, која е присутна во моментов“, изјави Чадиковски за „Порталб.мк“.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во говорот на веб-семинарот „Измени и дополнувања на Кривичниот законик на Северна Македонија: Решенија за зајакнување на безбедноста на новинарите“, рече дека Министерството веќе ја започнало постапката за подготвување на новиот Кривичен законик што ќе вклучува кривични дела со кои ќе се зголеми нивото на заштита на новинарите и медиумските работници.

За изготвување на квалитетен текст на законот, од ова министерство веќе имаа состаноци со претставници на новинари и здруженијата на новинари, вклучително и ЗНМ и синдикатот.

„Разбирливо е дека нивните предлози се добредојдени, бидејќи само преку отворен дијалог со новинарите, ќе можеме да донесеме нов закон кој целосно ќе ги заштити за слободно да ја извршуваат својата одговорна работа, додека сите тие што ќе се обидат да заплашат или физички или вербално да ги нападнат новинарите, односно медиумските работници, да бидат строго казнети“, истакна Маричиќ.

Според статистиката на ЗНМ, објавена на почетокот на ноември, од почетокот на оваа година се пријавени вкупно 14 напади и брутални закани кон новинари, од кои повеќе од половина се против новинарки. За споредба, минатата година имаше четири вакви инциденти, што значи дека оваа година има три пати повеќе напади и закани.

Иако физичките напади се намалени, загрижува фактот што сè повеќе закани по животот на новинарите се пријавуваат на социјалните мрежи. Во врска со ова, треба да се направат дополнителни напори од Министерството за внатрешни работи со санкционирање на сторителите, додека за посериозни случаи да се побара Јавното обвинителство да поведе кривична постапка.

Создавањето безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници редовно е забележано во извештаите на Европската комисија за Република Северна Македонија.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.