Достапна е веб-апликацијата „Мапирање на училишта“, ја покажува близината до казина и обложувалници

Принтскрин од новата веб-апликација

Веб-апликацијата – Мапирање на училишта, која беше победничко решение на вториот Хакатон за отворени податоци е достапна за користење. Апликацијата ја изработи стартап тимот Web pillar & Data consulting, информираат од Фондацијата Метаморфозис.

„Имајќи ја предвид важноста на транспарентноста и достапноста на информациите, победничкото решение понуди мапирање и регистри според однапред утврдени параметри на сите средни и основни училишта во Република Северна Македонија. Апликацијата има за цел визуализација на локациите на основните и средните училишта, најблиските локации на обложувалниците и казината, дистанцата меѓу нив за да се увиди дали е во согласност со законот“, се наведува во објаснувањето на оваа веб-апликација.

Воедно, таа ќе служи и како блог страна за сите училишта, каде што ќе се објавуваат сите услови, новости и успеси што се постигнуваат. Корисниците ќе имаат една апликација каде што ќе можат да ги споредуваат училиштата, но исто така ќе се стимулира и компетитивност меѓу нив.

„Апликацијата дозволува исто така и споредба меѓу различни училишта врз однапред утврдени параметри, дава можност за оценување т.е. рангирање на училиштата, утврдување на оддалеченост меѓу училиштата и обложувалниците во непосредна близина, како и опција за училиштен администратор кој ќе споделува релевантни информации за своето училиште“, се наведува во соопштението на Фондацијата Метаморфозис.

Инаку, веб-апликацијата за мапирање на училиштата поддржува три јазици: македонски, албански и англиски.

Второто издание на Хакатонот за отворени податоци беше организирано од страна на Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, во периодот од 30 ноември до 3 декември 2021 година, во Скопје како дел од Меѓународната конференција е-Општество.мк.

Целта на хакатонот беше да се развие веб/мобилна апликација која ќе овозможи визуелизација, интерактивно прикажување и/или олеснување/дигитализирање на процесите за полнење и ажурирање на податоци од бази кои се објавуваат од страна на органите на државна управа. На хакатонот за отворени податоци учествуваа 4 тимови кои беа составени од студенти и стартап компании.