fbpx

Досега против рудник, сега против фабрика за алуминиум, нови протести на југоистокот

Протестот се одржа пред општината Ново Село која издала градежна дозвола за изградба на објект за леење на алуминум и производство на алуминиумски одливци

-

Жителите и еколошките организации „Здрава котлина“ и „Еко долина“ од општините Ново Село, Босилово и Струмица денеска протестираат против отворање на капацитет кој ќе преработува алуминиум. За овие општини рудникот Иловица-Штука, против кој се борат неколку години сè уште не е завршена приказна, а само на десетина километри од таа локација им се отвора нов фронт кој се плашат дека исто така ќе им ги загрозува здравјето и животната средина бидејќи се гради преблиску до единствениот извор на вода и на само еден километар од првите куќи.

Денешниот протест се одржува пред општината Ново Село која издала градежна дозвола за изградба на објект за леење на алуминум и производство на алуминиумски одливци, на локација каде според урбанистичкиот план е дозволена лесна и незагадувачка индустрија, што според екологистите не е случај со овој капацитет, за кој сметаат дека спаѓа во тешка и загадувачка индустрија.

Граѓаните денеска побараа општината да ја објави техничката документација за капацитетот, но и да ја поништи градежната дозвола. Тие се повикуваат на одлуките на Советите на овие три општини, како и таа на Василево, воопшто да не разгледуваат и да не одобруваат барања за отворање загадувачки индустрии, донесени откако во овој земјодлски крај се појавија инвеститори на рудник. На протестот беше побарано и да се одземаат ингеренциите на општината за издавање градежни дозволи, градоначалникот да си даде оставка, но и државните ревизори да направат контрола.

„Решивме да ја стопираме изградба на тешка загадувачка индустрија, односно топилница на алуминиум, која се гради на 80 метри од единствената бушотина за снабдување со вода за Ново Село. Градежната дозвола за таа топилница е неправилно издадена, на земјиште со намена за лесна незагадувачка индустрија, во подножјето на село Смолари, зелениот бисер на Беласица“, велат од еколошката организација „Здрава котлина“.

Советникот на независната советничка група „Стига е“ во Советот на Ново Село, Костадин Ристоманов вели дека граѓаните се незадоволни и заради тоа што, иако неколкупати побарале, не ја добиле на увид градежната дозвола за објектот, која според нив е побарана, издадена и добила правосилност во рок од само три дена од 4 до 6 октомври минатата година.

Според него, објектот е топилница која не може да се преименува како хала за алуминиумски одливци, бидејќи такви објекти не смеат да се градат на помало растојание од пет километри од населено место. Од тие причини екологистите имаат поднесено и претставка до Министерството за животна средина, кое го одобрило елаборатот за заштита на животната средина, и бараат да се преиспита таа одлука.

„Обработката и топењето на отпаден алуминиум е исклучително опасен технолошки процес што вклучува дробење, топење на исклучително висока температура со користење на многу енергија, леење, испарување, брусење. Во овој процес се користи многу вода, за која се сомневаме дека ќе се зема од реката, а ќе се создаваат и отпадни води и згура, за кои немаме информација како ќе се третираат бидејќи немаме никаков увид во документацијата“, вели Ристоманов.

Од Министерството за животна средина потврдуваат дека минатата година во септември е одобрен елаборат за заштита на животната средина на инвеститорот „Екоинжинеринг НС“ од Струмица. Во него е наведена технологијата и предвидените мерки за заштита и е достапен за увид, но само во нивните простории, а не и на веб страницата, бидејќи велат дека според законските прописи немаат обврска елаборатите да ги објавуваат на интернет страната.

„За ваков тип на објект не се бара студија, за која е потребна и јавна расправа туку елаборат бидејќи согласно податоците доставени во известувањето за намера, проектот не претставува индустриско производство на алуминуим. Се работи за капацитет за леење на алуминум со чистота од 98-99 % без никакви додадени примеси и бои и производство на алуминиумски одливци од вкупно 4,8 тони на ден со печки кои работат на природен гас и се наоѓа на три километри оддалеченост од Ново Село“, велат од Министерството.

Од таму потврдуваат дека ја добиле и ја разгледале и преставката од здружението „Здрава котлина“, но одговараат дека законот не предвидува ревизија на одобрени елаборати. Министерството ги информирало екологистите дека нивните наводи дека капацитетот всушност спаѓа во тешка и загадувачка индустрија, а не во незагадувачка како што е наведено во документацијата, како и дека тоа е направено со фалсификување и прикривање на податоци, ќе треба да ги испитаат Државните инспекторати за животна средина и за градба, кои ќе треба да излезат на терен и да ја утврдат фактичката состојба.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поплави во Бангладеш: Осум загинати и над 2 милиони загрозени

Бројот на загинати во поплавите во Бангладеш оваа недела се искачи на осум, а повеќе од два милиони жители ги осетија последиците обилните дождови, кои предизвикаа излевање на реките...