Амнестијата не е услов за избор на членови на Државната изборна комисија и идејата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не е поврзана со ДИК, рече пратеникот и претседател на собраниската Комисија за избори и именувања, Илија Димовски.

Тој ги повика партиите да ги утврдат кандидатите за ДИК за да се исполнат условите за одржување на најавениот референдум за крајот на септември или почетокот на октомври.

– Комплицирана е постапката. Без усогласеност на партиите и да ја почнеме целата постапка во Комисијата за избори и за именувања, таа е осудена на пропаст. И да бидам заобиколен во постапката, пак не може да се донесе одлука бидејќи во Комисијата власта нема мнозинство. Плус за избор на ДИК треба двотретинско мнозинство, постапката се комплицира – рече Димовски на денешната прес-конференција во Собранието.

Димовски вели дека и тој и претседателот Талат Џафери се спремни веднаш да ја завршат постапката за ДИК ако партиите ги достават утврдените предлози.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во говорот на протестниот марш во Струмица во неделата побара амнестија за осудените и обвинетите за нападот во Собранието на 27 април минатата година.