fbpx

Дезинформациите не можат да исчезнат – треба да се обелоденат нивните создавачи

Наративите се особено важни во претстојниот процес во борбата против дезинформациите, а разбирањето на таа борба и учењето како да се справиме со истата ќе бидат паралелен процес

-

Крајно време е препораките да се претворат во активности и точно да се знае кои чинители во општеството каква улога имаат во борбата против дезинформациите. Да се признае кои се непријателите – создавачи на дезинформации и да се разбере со какви цели шират пропаганда. Процесот ќе биде предизвикувачки, но може да биде успешен само доколку земјите од регионот соработуваат и разменуваат практики и искуства – ова се главните заклучоци од панел-дискусијата „Решенија и наредни чекори – препораки за заедничко делување“ која се одржа во рамки на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, која денеска ја организираа Претседателскиот центар за политичко образование и Фондацијата Метаморфозис.

Градењето отпорност на дезинформации е прашање што има повеќе димензии – од националната безбедност, па сè до унапредување на медиумските слободи, борбата против корупцијата и зајакнување на улогата на граѓанското општество како двигател на демократизацијата и затоа инклузивноста е неопходна. Ова го истакна Елида Зулбеари, раководителка на проект во Фондација Метаморфозис.

Следниот чекор, како што рече таа, е препораките да се претворат во заеднички активности.

„Тоа, пред сè, значи консултации со сите засегнати страни за да на крај се продуцира одреден документ – дали тоа ќе биде стратегија или дали е тоа некој друг документ, ќе видиме на крај, документ кој ќе ја дава рамката за борбата против дезинформациите и странските влијанија преку кампањите со дезинформации. Ние како инволвирани во процесот предлагаме тоа да биде што поотворен консултативен процес, да има неколку интеракции за да не остане никој надвор од процесот, затоа што ова не е процес на Метаморфозис, на Владата или ЗНМ, туку е заеднички процес“, рече Зулбеари.

Конференција „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г. / Фото: Мета.мк

Во документот со кој процесот би се завршил би требало да се знае кој општествен чинител каква одговорност ќе има и што треба да направи за да придонесе кон намалување на овие штетни влијанија, за кои Зулбеари рече дека „не може да ги снема“.

„Планот е да продолжиме со овој процес преку системски пристап за градење култура на критичко мислење и општествен дијалог на сите нивоа, почнувајќи од образовниот систем, односот на институциите и засегнатите страни во сите сектори, како и на семејно и индивидуално ниво. Исто така, во зависност од ресурсите би сакале да поканиме и претставници од поразвиените демократски земји кои имаат и високо ниво на медиумска писменост, да дојдат тука со нивните примери за да ни помогнат да го адаптираме нашиот пристап и да го земеме тоа што функционира и што знаеме дека е добро а нема да ја загрози слободата на изразување и независноста на медиумите“, рече Зулбеари.

Но, точен рецепт за борба против дезинформациите за кој со сигурност се знае дека функционира, не постои. Секое општество на свој начин се бори со ваквите предизвици и помалку или повеќе има успех во борбата за справување со дезинформациите, рече соработничката за комуникации и односи со јавност за НАТО и безбедносни прашања во Владата на РСМ, Светлана Силјаноска.

Според неа, пред да се разгледаат решенијата на проблемот, треба да се увидат целите на оние кои „свесно, организирано, наменски и со буџет, создаваат дезинформации“.

„Една цел е да се поткопа довербата во институциите. Втора цел е да се разниша желбата или потребата на граѓаните да учествуваат во демократските процеси. Едното го гледаме низ ниската доверба што се демонстрира кон сите општествени чинители, вклучително и кон нас институциите. Втората ја гледаме со одбивањето за учество во демократските процеси како што референдум, попис. Демократските институции имаат желба и цел граѓаните да учествуват во демократските процеси онака како што би требало во една развиена земја“, истакна Силјаноска.

Таа додаде дека дезинформациите можат да влијаат врз изборниот процес и во најразвиените земји, што значи дека создавачите на ваквите дезинформации ги постигнуваат своите цели.

„Третиот аспект е пасивизацијата. Кога еден граѓанин е изложен на многу информации, многу е тешко да стигне до точната. На крајот свесно бира да не се информира. А неинформирани граѓани носат неинформирани одлуки. Ова можеме да го видиме особено изминатиов период откако почна војната во Украина. Интензитетот на различни наративи за една иста ситуација е многу поголем од кога било. Ако претходно дезинформациите имале за цел да спротивстават два концепти, сега имаат цел да воспостават цела плејада на наративи, за кога еден граѓанин ќе почне да се информира, тоа да му стане работа. Кога ќе почне да се информира и да ја бара точната информација, на крај се откаже и рече „свесно бирам да не се информирам“. Тоа е општество во кое одлуките ги носат многу мал процент на луѓе и граѓани“, рече Силјаноска.

Конференција „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г. / Фото: Мета.мк

Раководителката на проект и стратешка комуникација во Центарот за европска перспектива од Словенија, Петра Балажиќ, сподели резултати од истражување на јавното мислење во однос на информациите, кое било спроведено во земјите од Западен Балкан на регионално ниво.

Според истражувањето, 72 отсто од граѓаните на Западен Балкан сметаат дека дезинформациите се проблем во нивните земји. 57 отсто биле донекаде уверени дека може да се идентификуваат со вестите кои ја прикажувале нивната реалност, за што Балажиќ рече дека, од друга страна, постојат 43 проценти граѓани кои не знаат дали можат да се идентификуваат со информациите што ги читаат.

Балажиќ соопшти и дека најголем дел – над 50 отсто од граѓаните на Западен Балкан се информирале преку домашните медиуми, 44 проценти преку пријателите и семејството, додека 13 отсто им верувале на своите влади.

„Тоа значи дека, доколку имате дезинформација која е добро раширена во една земја на Западен Балкан, тие луѓе што веруваат во оваа дезинформација би можеле истата да ја споделат со своите пријатели во другите земји од Западен Балкан. Таа информација циркулира. Последната жална вест е дека 55 отсто од граѓаните на Западен Балкан не им веруваат на своите влади што ја става во прашање ефективноста на јавната комуникација“, рече Балажиќ, додавајќи дека во интерес на сите е да се зајакне регионалната отпорност кон дезинформациите преку заедничка соработка.

Конференција „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г. / Фото: Мета.мк

Таа ја посочи Северна Македонија како позитивен пример на држава која направила големи чекори напред кон борбата против дезинформациите. Можно решение, според неа, е земјите од Западен Балкан да разменуваат информации и добри практики и да учат едни од други, а како пример за тоа ги посочи организациите и медиумите за проверка на факти кои имале меѓугранинка соработка.

„Друга работа е осигурување на меѓусекторската соработка. Проблемот е што ние во Западен Балкан имаме потешкотии да изнајдеме соработка со целото општество. Тешко е да ги натераме владите и медиумите да седнат заедно“, додаде Балажиќ.

Наративите се особено важни во претстојниот процес во борбата против дезинформациите, а разбирањето на таа борба и учењето како да се справиме со истата ќе бидат паралелен процес, рече Росана Алексоска, програмски менаџер за справување со лажни вести и наративи во Граѓанската асоцијација МОСТ.

„Зошто е важен наративот? Затоа што кај дел од населението во Република Северна Македонија, а и на Балканот, особено кај православното наслеение, постојат одредени погрешни верувања, перцепции и погрешни заблуди кои овозможуваат дезинформациите да го најдат својот пат и да влијаат. Ова значи дека тој процес не е еднонасочен – колку повеќе дезинформации, информациски дисторзии и влијание – толку повеќе овие длабоко вкоренети заблуди, ќе стануваат уште подлабоки“, истакна Алексоска.

Процесот е предизвикувачки и во него треба да бидат вклучени образовниот, политичкиот систем, медиумите и други чинители.

„Потребен е еден сеопфатен општествен процес во кој ќе се обидеме прво да разбереме, а второ и точно да го дефинираме непријателот“, рече Алексоска, додавајќи оти дезинформациите се само една од алатките на руското штетно малигно влијание.

„Да, целта е да се креираат дисторзии и поделби, да се подрие довербата во институциите, во медиумите, во граѓанските организации, во нашите сојузници, меѓутоа другата многу важна цел е да се преплави информацискиот процес со толку многу различни податоци да луѓето во еден момент останат збунети и не знаат во што да веруваат“, додаде Алексоска.

Таа ги поздрави регионалните иницијативи, но рече дека регионалната соработка не смее да се одвива на штета на евроатлантските интеграции.

„Апелирам до сите да го напуштиме концептот на неврзани, бидејќи Запад  – денес тоа сме ние. Ние сме Запад. Евроатлантските интеграции не смеат да трпат поради регионалните иницијативи“, рече Алексоска.

Со сесијата „Решенија и наредни чекори – препораки за заедничко делување“ која ја модерираше Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист во фондација Метаморфозис, се заокружи конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, на која претставници на државни институции, граѓанскиот сектор и медиумите дискутираа за некои од најважните прашања што ги носи борбата против дезинформациите.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...