fbpx

Дезинформациите да се регулираат, но не и да се забранат, бара Комисијата за човекови права во Нов Зеланд

-

Независната регулација треба да го поткрепи пристапот на Нов Зеланд кон дезинформациите, смета главниот комесар за човекови права во оваа земја, Пол Хант, пишува „НЗХералд“.

Ваквата изјава доаѓа пред претстојното објавување на документот што е формиран врз основа на анализа на новозеландските службеници кои ги истражувале активностите извршени од странство во функција за справување со штетните содржини, особено оние што се шират на интернет. Изјавата на комесарот за човекови права следи и по широко критикуваната реформа за говорот на омраза во Нов Зеланд.

На историскиот брифинг што се објави неодамна се откри дека жителите на Нов Зеланд сметаат оти мисинформациите, вклучувајќи ги и дезинформациите, се меѓу најголемите закани за националната безбедност.

Според авторите, дезинформациите што се свесно и намерно споделени за да предизвикаат штета може да доведат до „радикализација и насилство“. Во брифингот се истакнува зголемениот ризик од дезинформациите и како тие можат да бидат во форма на добро опремени, софистицирани кампањи за туркање „лажни или измамнички информации“.

Кон крајот на минатата година, компанијата Мајкрософт објави дека жителите на Нов Зеланд се нашле под зголемена изложеност на руски дезинформации, при што некои од нив се појавиле во пораките на демонстрантите кои го окупираа тревникот пред Парламентот во Нов Зеланд.

Способноста да се разговара за дезинформации во оваа земја стануваше сè поотежната, што беше потврдено со откажувањето на брифинзите наменети за новинарите на темата политички дезинформации што требаше да ги одржат истражувачите. Како причина за нивното одложување е наведена загриженоста за нивната безбедност.

Минатата недела, Законот за дигитални услуги стапи на сила во Европската Унија (ЕУ), кој, меѓу другото, ќе ги принуди компаниите што ги поседуваат социјалните медиуми да ги ублажат ризиците како што се: дезинформациите, изборните манипулации, сајбер насилството врз жените или штетните последици врз малолетниците на интернет.

Во интервју за „НЗХералд“, главниот комесар за човекови права во оваа земја, Пол Хант се надева дека Нов Зеланд ќе ги земе во предвид алатките што ги користат ЕУ и другите земји кои се обидуваа да го надополнат законодавството во согласност со современите комуникациски платформи.

Дезинформациите беа редовна тема за комесарот Хант во последниве месеци, кој веќе разговараше за ова прашање лично со премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн, но и во однос на последиците од каква било реформа на човековите права.

Хант рече дека се залага за регулација на дезинформациите преку независно регулаторно тело кое би можело да спроведе „основни кодекси на однесување“, како и зголемување на дигиталната медиумска писменост.

Сепак, тој рече дека дезинформациите не треба да бидат забранети додека не ја преминат границата во говор што предизвикува штетни последици, за кој тој призна дека е „сива зона“.

„Потребни нѝ се контроли, нѝ требаат проверки, потребна нѝ е независна одговорност, но да не ги правиме информациите незаконски, освен ако не стигнат до радикална крајност на спектарот“, изјави комесарот Хант.

Ова, според него, би го зачувало во целост правото на слобода на изразување.

Министерката за внатрешни работи Џен Тинети, која го водеше испитувањето на регулативата за медиумски и онлајн содржини, рече дека неодамнешното патување во Европа ѝ дало важен увид за тоа како ЕУ го оформила своето законодавство и како тоа се разликува од другите делови на светот.

Таа, исто така, рече дека претставниците на Нов Зеланд се координираат со нивните колеги во Финска, откако Тинети била импресионирана од употребата на образованието во земјата за борба против дезинформациите.

„Младите луѓе со кои разговарав имаа многу развиена свест за мисинформациите и дезинформациите и сето она што гледаа на интернет“, изјави таа.

Прашањето за дезинформациите беше актуелизирано за време на дискусиите во врска со законодавството што го третира говорот на омраза во Нов Зеланд, при што Комисијата за човекови права изјави дека е многу разочарана од новиот предлог на министерот за правда, тврдејќи дека со предложените законски измени не ги заштитил заедниците што се најранливи на говорот на омраза.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...