Џаровска: Најдете своја приказна да ја читате на одмор, а да не е приказна на Инстаграм

Во „Летна лектира“ новинарката Милица Џаровска го открива нејзиниот избор на книги за читање во летната сезона

Илустрација: Мета.мк

Во ова динамично и брзо време на живеење, кога дури и одморот претставува „замор“ преку гледање во екраните на телефоните, Мета.мк со цел повторно да ја разгори љубовта кон книгите и желбата за дегустирање нови содржини кај читателската публика, преку серијал текстови разговара со јавни личности од секоја општествена сфера за нивните омилени книги за време на летниот период – во кој впрочем се наоѓа и најмногу време за читање.

Овојпат на темата „Летна лектира“ разговараме со новинарката Милица Џаровска која ни открива дека на „морски одмор“ била во јуни, додека, како што вели „сè уште може да се ужива на плажа, без никој да ти дише во врат“ (се смее). Во моментов со своето семејство е во Охрид, каде што се чувствува и како на одмор, но и како дома.

„Тука ми е најубаво, годинава открив нови диви плажи на кои се стига само по вода. Книга секогаш повеќе од телефон за мене, на плажите каде што одам знае да биде слаба мрежата, па да нема интернет, што е уште подобро“, вели таа за Мета.мк.

Во мај годинава излезе првата книга на Џаровска, „Џаро-живот на коцка”, но таа книга, како што вели, не ја чита на плажа.

„За ѕвездата на едно старо добро време кое веќе го нема, но ќе остане вечно запаметено. Животот на Велибор Џаровски-Џаро беше патување, песна, игра и љубов. Но играта што ја играше не беше секогаш лесна. Бурниот и немирен темперамент, остриот ум и специфичниот карактер постојано го соочува со најразлични перипетии“, се вели во описот на книгата, посветена на нејзиниот татко.

Книгите кои Џаровска им ги препорачува на нашите читатели за ова лето се следните:

„Гол човек“ од Игор Џамбазов

„Фајронт во Сараево“ од Неле Карајлиќ

„Моите педесет“ од Бранко Ѓуриќ-Ѓурo

Зошто токму тие?

„Затоа што сакам вистински животни приказни. Читајте ги и вие, не мора нив, најдете си своја приказна за на одмор, но не да е Инстаграм приказна-story“, вели таа.