fbpx

ЦГК: 30 најголеми државни претпријатија лани имале приход од 732 милиони евра, но слаба транспарентност и отчет

-

Вкупниот приход на 30-те најголеми претпријатија основани од државата и од локалната самоуправа за периодот од 2015 до 2019 година изнесуваат 45 милијарди денари (732 милиони евра), а во нив работеле вкупно 22.140 работници. Приходите се зголемиле за само 2 отсто, а просечната стапка на профитабилност кај нив во овој период изнесувала скромни 6 отсто. Средствата што ги поседуваат со ваков остварен профит, можат да се обноват за 38 години, а вложениот и заработен капитал да им се врати за 32 години.

Колку за споредба, во приватниот сектор времето на поврат на вложениот капитал е вообичаено 10 години. Наплатата на нивните побарувања е слаба алка во работењето и таа е во просек 253 дена. Обврските се плаќаат во уште подолги рокови, за 484 дена просечно. Она што е заедничко за сите нив е дека имаат сѐ уште недоволен степен на транспарентност на резултатите во финансиското работење.

Ова, меѓу другото, го покажува Анализата „Финансиското работење на државните претпријатија во периодот 2015-2019 година“, направена врз база на Истражувањето кое го спроведе Центарот за граѓански комуникации, ЦГК, КОНЕКТ и ЗДСРМ, во рамки на проектот „Заасилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот сектор“, финансиран од ЕУ.  

„Неопходно е јавноста да има увид во финансиските резултати на државните претпријатија кои се значаен сегмент во економијата и имаат стратешка важност. Според наши анализи, во државата има 145 претпријатија кои се целосно во сопственост на државата и на локалната самоуправа и кои имаат вкупни годишни приходи од 810 милиони евра, учествуваат со 7 отсто во државниот буџет и вработуваат 29.000 лица. Кај нив има низа слабости во управувањето, транспарентноста и отчетноста за финансиската слика, што укажува на неефикасен системски надзор врз нивното работење“, посочи Сабина Факиќ од ЦГК, на онлајн дебатата посветена на Анализата.

Таа додаде дека сѐ уште не се спроведува Националната Стратегија за спречување на корупцијата со која треба да се воспостави интегритет, механизми и цврста правна рамка за фискална дисциплина и зајакнување на отчетноста кај претпријатијата.

Фрек Јанмат од делегацијата на ЕУ посочи дека транспарентноста во работењето на јавните претпријатија е многу важна за сите институции во државата, но и за медиумите и граѓанските асоцијации.

„Анализата е основа за донесување на мерки за подобрување на работењето на државните претпријатија кои треба да имаат висок степен на транспарентност, за да го подобрат работењето со финансиите и да бидат поконкурентни на пазарот“, рече тој.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи рече дека приоритетната задача на јавните претпријатија е да даваат услуги на граѓаните, а задача на Владата е да им го олесни работењето за да можат да ја остварат таа цел и да станат ефикасни и ефективни. Од друга страна, потсети тој, Владата бара најсоодветно решение за идниот статус на неколку државни фирми кои повеќе години работат со загуби.

„Менаџментот на претпријатијата е важен индикатор за состојбите во работењето, но одговорноста е подеднаква и за основачот, кој мора да знае каде и како се трошат државните пари и ако има загуби, навреме да бара и да сугерира други решенија и да интервенира. Притоа се важни транспарентноста и отчетноста во објавувањето на финансиските извештаи“, рече Битиќи.

Павле Гацов од Здружението на даночни советници, ЗДСРМ, рече дека врз основа на Анализата за финансиските извештаи на 30-те претпријатија, може да се извлечат повеќе податоци, како што е на пример, кои од нив имаат најмногу вработени во 2019 година, кои имале најголем профит, а кои најмал, и на кое, колку години му се потребни за да направи поврат на вложениот капитал.

Притоа, тој ги издвои ЕСМ, Национални шуми и Македонски пошти со најголем број на вработени, 4.751, 2.274 и 2.054 лица. Претпријатијата кои лани имале најголема нето добивка се ЈП Државни патишта, 47 милиони евра, МЕПСО 7,2 милиони евра и ЖРСМ Транспорт од 6,5 милиони евра.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...