Фото: Robert Anasch на Unsplash

Најниската цена и натаму е проблем број еден за компаниите, а дури 48 отсто од нив  сметаат дека има корупција во јавните набавки. Тоа го покажува најновиот Извештај на Центарот за граѓански коминикации (ЦГК) од мониторингот на јавните набавки за периодот јули-декември 2019 година, како и добиените резултати од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на тендерите во истиот период.

Честите поништувања на тендерите, причините за тоа и големината на тендерите за кои се носат таквите одлуки, ја отвораат дилемата дали со поништувањата се прикриваат слабостите при спроведувањето на постапките за јавни набавки или, пак, манипулациите.

„Транспарентноста на јавните набавки не е на предвидено ниво според новиот Закон за јавните набавки. Во повеќе од четвртина од мониторираните постапки на централно ниво (27,5 отсто), имало непочитување на законската обврска за известување во однос на спроведените тендери. Најниската цена е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 97 отсто случаи, а електронската аукција е применета во дури 94 отсто од тендерите“, стои во Извештајот.

Се додава дека овие постапки на институциите не се во согласност со актуелните европски трендови, ниту соодветствуваат на барањата на бизнис-заедницата. Во 2019 година, во директни преговори и без објавување оглас, склучени се 368 договори, во вкупна вредност од 40 милиони евра. Во однос на претходната 2018 година, имало помалку договори, но вредноста е зголемена за 21 отсто.

За дури три четвртини од фирмите, ‘најниската цена’ како критериум за избор е најчест проблем при јавните набавки, а 48 отсто сметаат дека ‘секогаш’ или ‘често’ има корупција во набавките. Фирмите го оцениле процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,82 (на скалата од 1 до 5), што е минимално намалување во однос на една година претходно, кога оценката беше 2,87, покажува Извештајот.