Министерството за одбрана информира дека припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата на Обединетите нации во Либан, УНИФИЛ, се безбедни и сигурни.
„На мисија во Либан во моментов се ангажирани тројца припадници на Армијата, кои се распоредени и ги извршуваат своите задачи на безбедни локации надвор од Бејрут. По веста за повредени морнарички мировници во мисијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ, чиј брод бил погоден во експлозијата на пристаништето во Бејрут, изразуваме надеж за побрзо закрепнување на мировниците и поддршка до земјите од каде тие потекнуваат,“ се вели во соопштението.
Од Министерство за одбрана изразуваат длабоко сочувство за жртвите во разорната експлозија во Бејрут, Либан.
Според последните информации загинати се најмалку 100 лица, а повредени околу 4.000. Либанскиот премиер Хасан Диаб во телевизиско обраќање ги повика сите држави и пријатели на Либан да ѝ помогнат на државата.
Разорната експлозија го уништи пристаништето и голем дел од централното градско подрачје на Бејрут, тамошниот градоначалник Џамал Итани спомена дека првичната проценка на штетата се мери во милијарди долари, а голем број граѓани останаа без своите домови. Официјалните власти тврдат дека Бејрут се соочува со незапаметена катастрофа во неговата понова историја.