Доцни почетокот на процесот на чистење на малата депонија со линдан во кругот на некогашната фабрика ОХИС во Скопје. Сè уште не е објавен меѓународниот тендер за изнаоѓање компанија која ќе го реализира чистењето на првата од неколкуте депонии со опасниот хербицид линдан и одредувањето на методата со која тој ќе се елиминира или неутрализира и кој требаше да биде кон средина на август.

– Ние нашиот дел од работата го завршивме, процесот е во рацете на УНИДО (Агенција на ОН за индустриски развој), очекуваме во наредниве десетина дена да биде распишан тендерот“, вели Сузана Андонова, раководителка на канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (ПОПС) при Министерството за животна средина.

Според Андонова, до ноември би требало да се знае која компанија и со која метода ќе го чисти линданот од малата депонија, а потоа би требало активностите на терен да почнат на крајот на годинава. На прашањето кога ќе се решава проблемот и со останатите локации на кои се знае или се претпоставува дека има закопани огромни количества од отровниот линдан, Андонова вели дека, во зависност од средствата кои ќе бидат обезбедени во наредниот период, ќе се настојува процесот на чистењето на малата депонија да продолжи и со чистење на големата, која исто така е во просторот на некогашен ОХИС.

– Се преговара за финансиска поддршка со Европската комисија како и со Кралството Норвешка, а има и најави дека ќе бидат обезбедени средства од донации за продолжување на процесот на чистење на линданот на локациите на кои се знае или се претпоставува дека е депониран – додава Андонова.

За чистење на другите депонии потребно е да се изработат посебни проекти.

Надлежните од Министерството сè уште не можат да прецизираат кој е дефинитивниот број на локации каде што е закопан опасниот отров, кој бил исфрлен во седумдесетите години од минатиот век од страна на производителот, скопски ОХИС, откако било забрането неговото производство и употреба. Една од локациите на која се проценува дека биле депонирани 8.000 тони од оваа хемикалија е локацијата кај месноста Пеленица над скопско Драчево.

Под притисок на јавноста, пред се на екологистите и по пишувањето на „Мета“, МЖСПП минатиот декември објави забрана за организирањето ученички екскурзии во Пеленица, токму во близина на тогаш необележаната депонија на линдан, а потоа и го огради, но таблата за предупредување, која Министерството тврдеше дека била поставена, исчезна и нема информации кога ќе биде поставена нова.