Четврти месец сајтот за аерозагадување не функционира комплетно оти министерството ја менува серверската опрема

Понекогаш веб страницата не може да се отвори при првиот обид за пристапување до неа, а она што подолго време се провлекува како проблем е дека на сајтот не се достапни месечните извештаи кои го прикажуваат квалитетот на воздухот низ македонските градови

Фото: Принтскрин од сајтот air.moepp.gov.mk

Веб-страницата воопшто не се отвора или кога ќе стане достапна, не може да се пристапи до месечните извештаи кои ги прикажуваат податоците за мерењето на квалитетот на воздухот во земјава. На овој начин веќе четврти месец функционира веб страницата air.moepp.gov.mk, преку која Министерството за животна средина и просторно планирање треба да ги објавува податоците од мерните станици за аерозагадувањето во земјава.

Доколку денеска било кој граѓанин сака да пристапи на овој сајт, тој би можел да ги добие податоците од дневните мерења за квалитетот на амбиенталниот воздух и присуството на загадувачки честички на дневно ниво. Понекогаш, веб страницата не може да се отвори при првиот обид за пристапување, а она што подолго време се провлекува како проблем е недостапноста до месечните извештаи кои го прикажуваат квалитетот на воздухот низ македонските градови. На сајтот не можат да се прочитаат ниту годишните извештаи, кои, доколку се кликне на нив, воопшто не се отвораат.

Ваквиот проблем се провлекува од декември минатата година, кога редакцијата на Мета.мк го забележа проблемот. На 26 декември лани, пишувавме дека на специјализираниот сајт не можеше да се погледнат резултатите од 13 од вкупно 21 мониторинг станици за аерозагадувањето. Објаснувањето на тогашниот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, беше дека менувањето на застарените сервиси на министерството било причината поради која граѓаните немаат целосен увид во податоците за квалитетот на воздухот во земјава.

Немаме целосен увид во аерозагадувањето поради старите сервери на министерството

„Им се извинуваме на граѓаните што немаат увид во состојбата со квалитетот на воздухот деновиве кога има зголемени концентрациои на ПМ 10. Причина за тоа е миграцијата на податоците од застарен сервер на нов што треба да заврши за десетина денови. Сепак, вработените мануелно ги отчитуваат мерните станици и ги изработуваат извештаите врз основа на кои и ги дадовме препораките во случај на надминување на дозволениот праг“, изјави тогашниот министер Нуредини на 26 декември 2022 година.

По ова, Вистиномер.мк на 11 јануари 2023 година пишуваше дека на идентичната веб-страница извесен период се јавуваат неправилности, односно кога корисниците ќе ја посетат страницата, прво им се бара да учествуваат во наградна игра за да освојат мобилен телефон, односно дека станува збор за т.н. фишинг сајтови или вид на измами од неовластени корисници кои преку користење лажни пораки од е-поштата и лажни веб-страници се обидуваат од корисниците да добијат доверливи лични податоци.

Фишинг сајтови: Ако сакате да го проверите квалитетот на воздухот, треба да учествувате во наградна игра!

Тогашното објаснување на Министерството беше дека станува збор за несоодветни реклами кои се појавуваат поради некоја заостаната компонента (Ворд Прес) која сè уште е во фаза на прочистување, додавајќи дека проблемот им настанал по миграцијата од стар на нов сервер.

Сепак, и по јануарското објаснување на Министерството за животна средина, сега на сајтот не се појавуваат пораки за лажни наградни игри, но не може да се пристапи ниту до важните податоци од мерењата на квалитетот на воздухот од мониторинг станиците на месечно и годишно ниво.

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека подолго време имаат проблем со сајтот air.moepp.gov.mk.

„Проблемот се влече подолго поради тоа што имавме замена на серверската опрема во министерството. Во меѓувреме, неколку пати пробаа да го исчистат од наградните игри, но за жал повторно цело време се враќаат“, гласи официјалниот одговор од Министерството за животна средина.

Тие додаваат дека во моментов фирмата која им ја одржува серверската инфраструктура во Министерството прави обиди и на добар пат се да го решат проблемот. Од Министерството за животна средина велат дека информатичките прашања им одземаат многу време и се надеваат дека во најскоро време ќе може да се среди веб-страницата и за една до две недели нормално да функционира.

„Сега ја чистат страницата што ги содржи сите документи, вклучувајќи ги месечните и сите извештаи и да пробаме таа страница да ја вратиме повторно“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Министерката за животна средина Каја Шукова денеска изјави дека државниот автоматски мониторинг систем во моментов има 21 фиксна и една мобилна станица за мерење на аерозагадувањето, а во последниве три години редовно обезбедуваат средства за одржување на мониторинг системот, за набавка на резервни делови и за купување на нови мониторинг станици согласно барањето на системот.

Мониторинг станиците ова министерство ги поставува врз основа на зони и агломерации, онаму каде што е потребно и каде што треба да се постават.

„Редовното одржување и надоградување на автоматскиот мониторинг систем е нешто што мораме да го правиме сериозно и секоја година и еве веќе трета година по ред имаме сериозни средства во буџетот за да се одржува и унапредува“, изјави Шукова.

За годинава не е планирана набавка на нова мониторинг станица, рекоа од министерството, но и додаваат дека нема никаква пречка било која единица на локална самоуправа да постави своја мониторинг мрежа за мерење на аерозагадувањето, бидејќи актуелните закони го дозволуваат тоа. Општините сами можат да си определат каде на нивната територија имаат потреба од дополнителни мерни места за определување на квалитетот на воздухот.

„Државната мрежа е дефинирана и нема потреба за да се определуваат средства за нови мониторинг станици“, велат од Министерството за животна средина.