Четири општини ги послушаа младите и започнаа да ги реализираат нивните еколошки идеи

Еден од доставените предлози од младите до кандидатите и кандидатките; Извор: Гоу Грин

Нови контејнери и велосипедски патеки во Куманово, фотоволтаични кровови во Чаир, селекција и чистење на отпадот и нови велосипедски паркинзи во Аеродром, како и нови паркови и повеќе зеленило, а помалку автомобили во Кисела Вода. Ова се проекти на кои се работи, а кои ги побараа младите од овие четири општини пред локалните избори минатата година, преку проектот „Дигитален младински активизам за зелени општини“ што го спроведува граѓанската организација „Гоу Грин“.

Заложбите за почиста животна средина, намалување на отпадот и подобрувањето на условите за живот се главните цели кои ги истакнуваат младите еколошки активисти. Тие минатата година креираа младински барања за шест зелени општини, кои подоцна беа успешно потпишани со 18 кандидати за градоначалници од тие општини во форма на Меморандум за соработка. Годинава соработката продолжи со четири општини, а нивното искуство и знаењето од овој процес ќе се дигитализира преку креирање онлајн интерактивни курсеви и за идните генерации.

„Најголемиот фокус сакаме да ни биде зајакнувањето на младинските организации со знаење за животната средина. Планираме да дејствуваме заедно за да побараме од младите луѓе и општините да преземат заедничка акција и да соработуваат во процесите на донесување одлуки за животната средина. Очекуваме да се создадат добри практики меѓу локалните самоуправи и младите луѓе за локални теми поврзани со заштитата на животната средина и климатските промени. Овој аспект е важен затоа што климатските промени бараат интердисциплинарен пристап и без разлика во кој домен младинските организации делуваат потребно е да го пронајдат линкот со климатските промени за заедно да имаме поголемо влијание“, вели Арта Ќерими, кооринатор на проектот во „Гоу Грин“.

Во Општина Куманово, како дел иницијатива од младинските заложби се поставени десет контејнери на улицата „11 Ноември“ и 16 контејнери во селото Горно Којнаре. Во план е и реализацијата на велосипедска патека на улицата „Доне Божинов“. Оваа општина е првата што има поставено и полу-подземни контејнери.

Мартин Крстиќ, службеник за млади и младински политики во Куманово, вели дека проектот на младите активисти и „Гоу Грин“ има одлични резултати и дека на нивна иницијатива исчистени се и многу диви депонии, а и општинскиот Инспекторат за животна средина прави редовни контроли по течението на реката Кумановка.

„Општината Куманово наскоро ќе го креира локалниот Младински совет, со што ќе имаме тело во кое ќе членуваат млади кои ќе се залагаат да го слушнат гласот на другите млади и заедно со локалната власт ќе ги реазлизираат нивните идеи. Соработуваме и со други младински организации, а наскоро се отвора и Младинскиот центар. Исто така, во соработка со ГИС и Амбасадата на Германија ќе се отвори и младинската канцеларија. Јас работам како службеник за млади, така што младите од општината имааат и кому да се обратат и кој да ги слушне нивните барања и идеи“, посочува Крстиќ.

Во последниве два месеци, од организацијата „Гоу Грин“ оствариле  средби со претставници од сите општини и разговарале за идни зелени активности, за директен младински придонес за општините, како и за целата зелена слика на општина и за планираните активности за наредните месеци. Информираат дека досега во Чаир е поставен фотоволтаичен кров на општинската зграда, а наскоро ќе се пуштат во употреба фотоволтаичните покриви и во три основни училишта и една градинка. Во план е и изградба на вертикални градини во основи училишта и градинки.

Во Општина Кисела Вода се работи на план за селекција на отпадот преку соработка со РЕДИ Рециклажа и поставување на канти на селектирање во станбените згради. Во населбите Пржино и Црниче ќе се намали паркирањето на автомобили и ќе се зголеми зеленилото на населбата со нов парк на последнта станица на автобусот со број 16, како и велосипедска патека на улицата „Наум Охридски“.

Во Општината Аеродром, пак, во населбата Лисиче се работи на инсталирање систем за полевање, а каналот во Ново Лисиче е исчистен од ѓубре. Се работи и на идејата секоја нова зграда да мора да има и велосипедски паркинг. Општината работи на намалување на отпадот од домаќинствата преку поддршка на социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа за селекција на пластика и хартија во станбените згради, но и на подолгорочно општинско решение за примарна селекција.

Бојан Никовски, од кабинетот на градоначалникот Тимчо Муцунски, вели дека оваа општина го направила регистерот на граѓански организации, од кои очекуваат да бидат линк до општината за сите идеи и иницијативи на младите.

„Сите барања на младите екологисти кои ни ги упатија преку ‘Гоу Грин’ се разгледани од општинската администрација, а дел од нив се разгледани и заедно со Градот Скопје и со надлежните јавни претпријатија. Како резултат на тоа веќе имаме почеток на реализација на речиси секое од нивните барања“, вели Никовски. Посочува дека во почетна фаза е и формирањето на младинскиот Совет, преку кој, заедно со Канцеларијата на млади, секој млад жител на општината ќе има начин како да добие линк до Советот на општината или до градоначалникот.

Во „Гоу Грин“ велат дека од досегашната реализација на проектот може да се заклучи дека градоначалниците се свесни за важноста на младинските еколошки иноцојативи, за проектите за повеќе зеленило и одржливи и зелени урбанистички планови. Но, сметаат тие, секогаш може повеќе и со поголема акција, заради што е важна и едукацијата на граѓаните.

„Во сите овие општини голем предизвик е и неформирањето на Локален младински совет или пак нивната пасивност. Сакаме заеднички да ја изградиме младинската инфраструктура и свеста за зелена општина преку младите. Целиме да помогнеме младинскиот глас да се слуша во општината и тоа токму преку зајакнување на капацитетите на советите за донесување младински одлуки, а особено за зелени политики, што е приоритет за здрава околина“, вели Ќерими.