Децата во прво одделение да влегуваат на возраст од најмалку пет и пол години, а наставните часови за нив да траат 55 минути, во кои ќе има и задолжителен одмор од 15 минути, кој наставникот по свое согледување ќе реши кога да го даде, рече министерката за образование и наука Рената Дескоска, објавувајќи ги реформираните наставни планови и програми за прво одделение, кои Министерството за образование и наука ги става на јавна расправа од денеска.

Се предвидува учениците од прво одделение да имаат не повеќе од четири часови дневно, со што ќе се намали времето што учениците ќе го поминат во настава, на сметка на зголемување на времето за одмор и игра. Ќе се исфрли домашната работа, а наместо неа ќе се вршат вежби на час под контрола на наставникот. Исто така, ќе се намалат тестирањата, а акцентот ќе се стави на комплексното проверување на резултатите од учењето, објасни Дескоска.

Учениците од прво до трето одделение севкупно ќе имаат шест предмети, мајчин јазик, математика, англиски јазик, светот околу нас (нов предмет кој во едно ги обединува сегашните природни науки и општество). Ист е случајот и со предметот уметност, кој се создава со спојување на предметите музичка и ликовна уметност. На часовите по физичко и здравствено образование се воведува стручен наставник кој ќе работи во тандем со одделенскиот наставник.

Се предвидува и да се укине програмата Кембриџ во прво одделение.