fbpx

Бугарскиот историчар Димитров ќе го тужи Неделковски за кршење на споменикот

-

Бугарскиот историчар и директор на Националниот историски музеј, Божидар Димитров, се закани дека ќе го даде на суд македонскиот новинар Миленко Неделковски поради кршење на бугарската спомен-плоча што бугарска делегација без дозвола ја постави на македонскиот врв Кајмакчалан.

– Ова е уште еден чин на вандализам. Ќе го дадам на суд овој македонски новинар. Морам да го направи тоа. Инаку ќе бидам отпуштен зошто нема да си ја вршам работата – изјави за бугарската „Нова телевизија“директорот на Националниот историски музеј, Божидар Димитров.

Изјавата на Димитров доаѓа откако Неделковски на „Фејсбук“ објави дека во четвртокот со токмак ја искршил плочата посветена на бугарски борци кои загинале на Кајмакчалан за време на Првата светска војна. Бугарскиот историчар рече дека пред две години гробовите на други бугарски офицери во Македонија исто така биле уништени и оти тоа веќе претставува проблем и за интеграцијата во ЕУ.

– Во ЕУ може да се влезе само кога ќе се решат проблемите со соседите. Ако ние кажеме дека е в ред, не е проблем, тоа значи дека нивната идеја за историјата е точна. Но, приказната не е само во знаењето од минатото, тоа е аргумент за права – коментира Димитров.

Со сличен став вчера излезе и бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој предупреди „штом тие ги кршат бугарските споменици со чекани…, ќе имаат несакани последици“.

И бугарското министерство за надворешни работи го осуди кршењето на спомен-плочата и ги повика македонските власти да се оградат и да ги спречат ваквите срамни настани, кои не се изолирани инциденти и кои особено загрижуваат во време кога двете земји преговараат за потпишување договор за добрососедство.

Исто така и копретседателот на Патриотскиот фронт и лидер на ВМРО, Красимир Каракачанов, напиша отворено писмо до претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во кое бара да се казнат вандалите.

Претходно, македонското Министерство за надворешни работи ја повика Бугарија да ги почитува меѓународните процедури за поставување спомен-обележја.

„Очекуваме од нашите пријатели од Република Бугарија да ги почитуваат меѓународно прифатените процедури за поставување спомен-обележја. Воедно, очекуваме институциите да ги обесхрабрат сите актери што нелегално поставуваат обележја на територија на друга држава, а кои потоа можат да бидат цел на акти на насилство или да предизвикаат негативни чувства кај граѓаните“, стои во реакцијата од МНР.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...