fbpx

Бугарската влада официјално во оставка, контрадикторни најави за повлекувањето на Борисов од челната позиција на ГЕРБ

-

Точно во 10:13 часот (9:13 часот по македонско време) претпладнево, оставката на владата на Кирил Петков е поднесена во Архивата на Народното собрание, јави Бугарското национално радио (БНР). Оставката не е доставена од премиерот Петков или од некој министер, туку била донесена од курир.

Во меѓувреме, беше најавено дека уште една крупна политичка фигура ќе си замине , односно Бојко Борисов, поранешен премиер во неколку мандати, ќе се повлече од претседателската функција во ГЕРБ – но Борисов набргу потоа ја негираше најавата изнесена од поранешниот бугарски премиер Росен Плевнелиев.

Поднесувањето на владината оставка е административен чин што уследи откако во средата вечерта Народното собрание (парламентот) изгласа недоверба на владата, со 123 пратеници „за“, а 116 „против“, при што немаше воздржани.

Како што пренесе БНР, денеска претседателот на Бугарија, Румен Радев ќе ги почне консултациите со парламентарните групи.

Најпрво во 13 часот во својот кабинет, Радев ќе ги прими претставниците на „Продолжуваме со промената“ (ПП) на Петков, потоа во 14.15 часот на ред се претставниците на парламентарната група (ПГ) на ГЕРБ-СДС, а час и половина подоцна во претседателскиот кабинет ќе влезат претставници на ПГ на „Движење за права и слободи“ (ДПС), по што од 16.45 часот на консултации со претседателот дали имаат намера да формираат нов владин кабинет ќе влезат претставниците на Бугарската социјалистичка партија (БСП).

Утре консултациите ќе продолжат со претставниците на „Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов, а потоа со „Демократска Бугарија“ (ДБ), а на крајот со ПГ на националистичката и проруска партија „В’зраждане“ (Препород).

Бугарскиот медиум mediapool.bg пак јавува за интересна ситуација со Бојко Борисов, за кој беше најавено дека изгледа ќе се повлече од претседателската функција во ГЕРБ со цел да се надмине пречката, односно неговото политичко учество, за идно коалицирање на партијата со ПП на Кирил Петков, која јасно порача дека има намера да формира влада и одново да раководи со Бугарија. Борисов нема намера да му го олесни тој обид.

Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев (2012-2017) кажа на бугарската телевизија со национална концесија бТВ, дека Борисов е подготвен да поднесе оставка на партиската функција, а целта на овој потег е „да се надминат пречките за склучување евроатлантска коалиција со ‘Продолжуваме со промената’, којашто би ја извадила Бугарија од политичката криза“. Плевнелиев во телевизиското гостување рекол дека Борисов за намерата да се повлече му соопштил вчера.

Како што објасни Плевнелиев утрово, тоа би бил само „козметички“ потег, а Борисов повторно ќе ги има сите конци во своја рака.

„Борисов е подготвен да го направи тоа и го има изјавувано повеќе пати, вклучувајќи и во разговори со Кирил Петков. Борисов секогаш бил „за“ европскиот развој на Бугарија. Никој не може да му ја земе партијата на Бојко Борисов. Таа е негово чедо, тој ја создал и тој ќе продолжи да биде основниот фактор во таа партија“, рече Плевнелиев.

Објавата од Плевнелиев, кој беше кандидиран за претседателската функција од ГЕРБ и важи за лојален на Борисов, потоа беше негирана од Борисов, пишува mediapool.bg.

Инаку, Плевнелиев, иако по престанокот на мандатот е повеќе ангажиран со приватниот бизнис со градежништво и недвижности, сепак често пати се произнесува во политичкиот живот, а неговите ставови кон Македонија се оние од тврдата бугарска позиција. Семејното потекло на Плевнелиев е од селото Петруса, во регионот Драма во северна Грција, а во Бугарија се преселуваат во Балканските војни.

Но, неколку часа по објавата од Плевнелиев, Борисов за „Сега“ одрече дека нема намера да се повлече. Тој коментира дека се тргнал од пратеничката функција за да не ги нервира луѓето, но нема намера да се повлече од лидерската улога.

„ГЕРБ си има лидер, избран пред три месеци. Отсега натаму нема да им играм како што свират, да оставам една силна партија да стане украс на „Продолжуваме со промената“, како што е со „Демократска Бугарија“. Нема да се случи. Категорично сум за избори“, рече тој.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...