Компании во САД најавија дека ќе ги платат трошоците за вработените што бараат абортус

фото: Gayatri Malhotra на Unsplash

Голем број американски корпорации им даваат поддршка и финансиска помош на вработените кои бараат абортус во државите што ја забранија оваа постапка, по одлуката на американскиот Врховен суд во петокот да ја поништи значајната пресуда „Роу против Вејд“, пишува „Гардијан“.

Со оглед на тоа што потенцијално милиони жени наскоро ќе сакаат да ги преминат државните линии за посапката на абортус, многу работодавци додадоа пакети за „критична здравствена заштита“ како дел од бенефициите на вработените.

Мерките ја одразуваат зголемената одговорност што ја чувствуваат бизнисите за да одговорат на притисокот од инвеститорите, клиентите и вработените во време кога корпоративните вредности не се во соласност со законодавството на државите во кои тие имаат седиште или каде се наоѓаат нивните вработени, пишува „Гардијан“.

Голем број банки и технолошки фирми најавија дека ќе ги покријат патните трошоци за американските работнички кои имаат потреба од абортус како дел од нивните медицински придобивки. Откако во петокот беше објавен пресвртот од Врховниот суд, „Бенк оф Америка“ и „Голдман Сакс“ им се придружија на „Ситигруп“ и „ЏП Морган Чејс“ во понудата на поволности за патување.

И технолошките фирми сакаат да ги задоволат потребите на вработените. „Мајкрософт“ соопшти дека ја проширува својата финансиска поддршка за „критичната здравствена заштита“ уште кога беше обелоденета нацрт-верзијата на мислењето на Врховниот суд што го укина „Роу против Вејд“.

Надомест за патувања за абортус најавија и „Епл“, „Мета“, „Тесла“, „Дизни“, „Варнер Брос Дискавери“, „Нетфликс“ и „Амазон“.

Врховниот суд на САД во петокот ја поништи педесетгодишната пресуда позната како „Роу против Вејд“ со која се легализираше абортусот во целата земја, поради што милиони жени ќе го изгубат правото на абортуст во САД. Сега државите одделно ќе одлучуваат за законитоста на абортусот.