Бројот на ученици опаѓа, се вработуваат сè повеќе наставници

Фото: Wonderlane на Unsplash

Во училиштето во селото Добрево во близина на Пробиштип, во 2012 година, учеле вкупно 11 ученици. Постепено, бројот на дечиња се намалил на осум, сè додека во училиштето не останало само едно детенце, за да денеска, ученичките столчиња се сосема празни, а школото – под клуч. Училиштето во Добрево не е единственото во земјава во кое реалноста е ваква. Поради тоа што нема деца, односно поради низок наталитет и иселување, затворени се десетици училиштата низ државата, нешто што е видливо посебно во Источна Македонија.

Ако во учебната 2011/2012 година во Северна Македонија имало 986 училишта, за десет години оваа бројка е намалена на 973. Ова значи дека за една деценија се затвориле 13 училишта, несметајќи ги овде подрачните училишта во руралните средини, бидејќи Државниот завод за статистика (ДЗС) ги брои училиштата кои се централни/матични.

Статистиката покажува дека имаме сè помалку ученици во државата. Но, бројот на наставници кои стануваат дел од образовниот систем, расте.

Реформите вработија повеќе наставници 

Различните трансформации во основното и во средното образование, односно новите наставни програми, содржини и збогатувањето на истите, наметна намалување на бројот на ученици во една паралелка. Како што за Мета појаснува демографот и аналитичар Дончо Герасимовски, тоа прилагодување кон европските стандарди наметна правило, да се намали бројот на ученици во паралелка, па затоа, статистички е зголемен бројот на паралелки во државата.

„Се намалува брјот на ученици во одделението или класот, тоа по автоматизам значи зголемување на бројот на паралелките. А aко се зголемува бројот на паралелки, се зголемува и бројот на наставници“, вели Герасимовски.

Нема деца оти е низок наталитетот

Според Герасимовски, бројот на ученици се намалува од година в година бидејќи наталитетот општо земено во земјава, опаѓа.

„Тоа е изразено посебно во некои региони. Oд друга страна, ние немаме податок за точна бројка на подрачни училишта кои постојат во состав на основните училишта. Селата имаат подрчани училишта, но нивниот број не е познат, па затоа не знаеме и колку подрачни се затворени. Бројот на ученците и училиштата во подолг временски период се намалува, а голема улога игра и иселувањето“, додава Герасимовски.

Во однос на средното образование, може да се забележи дека нема континуиран пад на бројот на ученици како што тоа е случај кај основците. Ако бројот на средношколци пред пет години бил 71.458, лани сме имале 71.018 средношколци, што е за 440 ученици помалку. Бројот на професори во училиштата, пак, во период од пет години, се намалил за 287 професори.

Мета неодамна објави дека негативниот природен прираст во нашата земја започна во 2019 година, односно оттогаш стапката на смртност за прв пат била поголема од наталитетот. Ковид пандемијата, иселувањето, стареењето на населението се некои од причините кои влијаат на нагативниот прираст на населението.

Ова е и регионален тренд кој се јавува во повеќето од земјите од Западен Балкан. Ако се анализираат демографските движења во земјите во регионот, ќе се забележи дека насекаде трендот е негативен. Во Бугарија, Хрватска, Србија исто така има негативен природен прираст на населението.