fbpx

Богобојазливи радикални десничари осомничени за двојно убиство и обединети во политичката партија „ДЕСНА“

Она што ги спојува дел од приведените со пребеганиот па уапсен Палевски, покрај сомнежите за двојното убиство, е и политичката партија „Десна“, чии членови се. Станува збор за радикална десничарска партија чиј слоган, според објавите на Фејсбук, гласи „Чист, современ македонски национализам“

-

Споени три прста за светото тројство како заштитен знак. Фантомка и мачета пред карта на „Голема Македонија“. Собирање потписи и донации за „одбрана на името на МПЦ“. Свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, на кое му претходела уште една ликвидација, на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Она што е неспојливо само навидум и што би било инспиративна приказна за трилер со драматичен заплет реализиран и на филмско платно, е всушност траурна реалност која деновиве ја живее македонското општество.

„За да се вратат младите во Македонија, потребно е да им дадеме надеж дека стварно има потреба и треба да се вратат дома. Но, тука има еден голем проблем. Ние ‘вампирите’ сме најголемиот проблем, а не младите“.

Со овие зборови преточени во порака до младите на Јутјуб, се обраќа 58-годишниот Љупчо Палевски во видео објавено на 12 ноември годинава на Јутјуб каналот насловен „Трета Политика“. Станува збор на канал на политичката партија „Десна“, чиј основач и претседател е токму Палевски, во јавноста познат како „Палчо“.

Само две недели подоцна, Палевски станува првоосомничен за двојно убиство – на велешанецот Жежовски и на младата Вања од Скопје. Истражните органи вчера го лоцираа Палевски – тој е уапсен во Турција, и ќе се чека негова екстрадиција во земјава. Три дена по убиството на Вања, а една недела по убиството на Жежовски, според МВР, тој заминал за Србија, а потоа преку Бугарија – во Турција, каде бил и уапсен.

Спасовски: Монструмот е фатен, Љупчо Палевски уапсен во Турција

Освен Палевски, како првоосомничен, за убиствата се уапсени уште четворица – судија на претходна постапка вчера доцна вечерта им одреди 30-дневен притвор на Влатко Кешишев, Велибор Манев и Боре Видевски, како и на таткото на девојчето Вања, Александар Ѓорчевски.

Она што ги спојува дел од приведените со пребеганиот па уапсен Палевски, покрај сомнежите за двојното убиство, е и политичката партија „Десна“, чии членови се. Станува збор за радикална десничарска партија, чиј слоган, според објавите на Фејсбук, гласи „Чист, современ македонски национализам“.

Полицијата соопшти дека веќе извршила претрес во партијата, при што биле одземени „одредени материјали“, а сите лица што биле затекнати во партиското седиште на улицата „Димо Хаџи Димов“ во Кисела Вода биле членови на таа партија. Од МВР не сакаа да споделат детали за тоа какви докази биле обезбедени од седиштето на партијата, во интерес на истрагата.

Од она што е познато, возилото „Рено Кангу“ кое возело пред озлогласениот „Цитроен“ што му припаѓаше на Панче Жежовски и со кое беше киднапирана 14-годишната Вања, се поврзува со неименувана политичка партија, за која според известувањата во медиумите и истражните органи, станува јасно дека е „Десна“. Според истрагата, сопствениците на „реното“ кои беа на распит, а потоа пуштени на слобода, го дале возилото за изнајмување на една политичка партија, за која во јавноста се претпоставува дека е токму оваа партија.

Дополнително, и скопјанецот што го превезува Палевски од Србија до Бугарија, а кој сега е приведен и доби притвор од 48 часа, исто така се поврзува со политичката партија, за што доказ е содржината на објавите и фотографиите на Фејсбук кои ги погледна Мета.мк.

„Десна“ во Основниот граѓански суд е регистрирана во декември 2022 година, а истата официјално е впишана во Централниот регистар на 5 јануари годинава. Меѓу основачите, покрај Палевски, е наведено уште едно име, Љупчо Јовановски. Во решението од Основниот граѓански суд Скопје од 12 декември 2022 година, стои дека лице кое ќе ја застапува политичката партија и нејзин претседател е Палевски, додека Јовановски е одговорен за материјално-финансиското работење на партијата.

Oд она што може да се види на социјалните мрежи на радикалната „Десна“, чија интернет-страница во моментов е „во изградба“, се добива впечаток дека нејзините членови биле повеќе фокусирани влијанието и екстремно-десничарската идеологија да ги шират онлајн, за што доказ се повеќето видео производи во форма на поткаст емисии и објавите во кои неретко се употребуваат остри зборови за да се нападнат политичките противници.

Така, на содржините на „Десна“ на Јутјуб, која истите ги произведува преку каналот насловен „Трета Политика“, може да се најдат неколку монолози на претседателот Палевски објавени под името „КРШмуабети“ и „ФакЧЕКЕРИ“ како и „дебатни“ емисии во кои говорници најчесто се други членови на оваа партија.

Партијата е забележливо проруска, при што самиот Палевски во едно од видеата, војната во Украина ја опишува со московска терминологија – како „специјална акција за денацификација“.

Логото на партијата „Десна“ претставува комбинација на Сонцето од Вергина/Кутлеш со неонацистичкиот симбол „Црно Сонце“ (во средина), кој руските неонацисти го модификуваат во тн. „Коловрт“ – наводна словенска верзија на кукест крст (свастика). Колаж: Мета.мк.

Претседателот Стево Пендаровски, коментирајќи го случајот, денеска изјави дека првоосомничениот за убиствата е “познат по ширење говор на омраза со децении наназад и никој ништо не му направил“.

„Политиките на неговата партија низ негова уста сееја само омраза кон одредени етнички заедници кои живеат во Македонија. Значи, не ме чуди дека на таква реторика, која претходеше на злосторот, сега стапуваат други со слична структура – политичари или јавни личности, сеедно, или луѓе активни на социјалните мрежи, кои само го продолжуваат тоа што тој го правеше со години, а системот за жал не реагираше“, изјави претседателот Пендаровски.

Она што дополнително ја запрепасти јавноста, покрај сите други застрашувачки околности, е што Палевски се вклучува во живо на Јутјуб и Фејсбук и говори на политички теми за собирање партиски гласови и во деновите по убиството на Вања за кое е првоосомничен.

Тој треба да се појави во „КРШмуабети“ како единствен говорник на 26 ноември (недела), вечерта пред грабнувањето и убиството на Вања, но околу 20 часот објавува соопштение во кое вели дека емисијата се одложува поради „технички причини“.

Два дена подоцна –  ден по грабнувањето и убиството на малата Вања, Палевски се вклучува во живо во 10 часот наутро каде со уште еден ко-водител зборува на политички теми и за идните планови на партијата чиј претседател е. Потоа, следуваат голем број објави во однос на Министерскиот совет на ОБСЕ што се одржуваше во Скопје, кога веќе во јавноста наголемо се ширеа апели за пронаоѓање на 14-годишната Вања, која беше објавена за исчезната.

Гледано од денешен аспект, заплашува смиреноста со која првоосомничениот за свирепо убиство на малолетничка, води политички разговор само еден ден по егзекуцијата. 

Од икони, крстови и „свето тројство“ до кривични пријави за помагање при убиства

Заштитен знак на групата, користен во одјавата на речиси секоја емисија се споени три прста, за што Палевски на 28 ноември револтирано ќе објасни дека претставуваат „свето тројство“, но и „три Македонии“.

„Ете толку знаете. Ова свето тројство ти е и македонско бе, слепци едни“, извикува Палевски одговарајќи на коментарите кои се емитуваат во состав на емисијата.

Остри зборови и израз на агресија може да се забележат во уште неколку наврати во оваа и во емисијата објавена подоцна истиот ден, но ниту еден од неколкуте стотици гледачи што ги следат во живо не ни насетува во какви активности бил ангажиран водителот и лидер на „Десна“ само неколку часа претходно.

Три прста за „светото тројство“ и „три Македонии“ / фото: Фејсбук

Фотографиите на Фејсбук профилите на останатите осомничени, исто така укажуваат дека станува збор за луѓе кои одамна поддржуваат радикални идеологии. Карта на „Голема Македонија“ пред која стои мачета може да се забележат на повеќе фотографии објавени од осомничениот Влатко Кешишев, а на една, мачетата дури и ја држи во раката, додека на главата носи фантомка.

„Чувај ја, може ќе ти затреба во скоро време“, се вели во еден од коментарите, чиј автор Кешишев подолу го поздравува.

Фејсбук профилот на Кешишев повеќе не е достапен.

Осомничениот Влатко Кешишев / фото: Фејсбук

Заедничко за сите осомничени е и честото присуство во црковни објекти и активности, што исто така е овековечено со фотографии на социјалните мрежи. Десетици фотографии може да се најдат и од штандови за собирање потписи за декларацијата, со која се бара „зачувување на името на Македонската православна црква – Охридска архиепископија“.

Снимки од вакви штандови имаат сите четворица осомничени, исто како и фотографии од икони и крстови во домовите.

Заеднички партиски активности на осомничените Палевски, Манев и Кешишев / фото: Фејсбук

Радикалните десничари обединети во „Десна“, според објавите на официјалниот Фејсбук профил на партијата и на нејзиниот претседател Палевски, како и според страниците на останатите осомничени, редовно им се поклонуваат на теориите на заговор, меѓу кои и на оние за ковид-пандемијата и таквите кои се противат на „глобалистите“.

Заеднички партиско-црковни активности на осомничените Манев и Видевски / фото: Фејсбук

Мета.мк испрати прашања до оваа политичка партија за тоа како ги коментираат актуелните случувања, со оглед на тоа што тројца од осомничените за двојното убиство се нејзини членови и дали партијата ќе продолжи со активностите.

Од „Десна“ до моментот на објавување на овој напис не одговорија на нашите прашања, но неколку часа откако ги упативме, вчера, објавија соопштение на нивниот Фејсбук профил, во кое велат оти информациите со кои се соочиле им „донеле шок и неверување“.

Од партијата најавија замрзнување на членството, функциите и активностите на обвинетите до крајот на процесот.

„Политичката Партија Десна, за своите членови и претседателот на партијата, доколку се докаже дека се виновни, бара да бидат најстрого казнети. Во меѓувреме апелираме да се почитува уставно загарантираната презумција на невиност на осомничените и обвинетите, додека не се докаже спротивното. Пред Обвинителството и органите на прогонот претстои тешка и деликатна задача во целост да ги разоткријат сите елементи на овие настани. Заради тоа, ние членовите на партијата, им стоиме на располагање на органите на прогонот, со цел на расветлување на кривично правниот настан и изведување пред Судот на сторителите на овие грозоморни случаи. ПП Десна, согласно Статутот на партијата, ќе ги замрзне членството, функциите и активностите на обвинетите до крајот на процесот. Уште еднаш изразуваме искрено жалење и сочуство до семејствата на Вања и Панче“, се вели во соопштението на „Десна“ објавено два дена откако беа обелоденети идентитетите на осомничените.

Во меѓувреме, емисии и поткасти на „третата партија“ веќе неколку дена не се објавуваат. Нашите проверки на официјалниот мобилен телефонски број на мрежата „Вибер“ кој се води под името „Палчо“ покажа дека последен пат тој бил активен на 2 декември, односно два дена откако се дал во бегство и еден ден пред да биде соопштено дека е осомничен за организатор и извршител на двете убиства.

Инаку, партијата, според искажаното во една од последните емисии, се надевала оти на следните парламентарни избори во мај наредната година ќе влезе во македонскиот законодавен дом со свои пратеници.

Министерот Оливер Спасовски вчера доцна вечерта, кога соопшти дека Палевски е уапсен во Турција, се осврна и на реториката на оваа партија, за која укажа дека треба да биде дерегистрирана.

„Вакво криминално гнездо мора да се разбие до крај. Tаа партија мора да биде дерегистрирана и да се обвини за странско влијание“, рече Спасовски.

На прашањето за какво странско влијание, Спасовски одговори со прашање: „Не знаеме какви ставови застапуваа лицето и неговата партија? Не знаеме за неговите емисии во кои директно се спротивставуваа на напредокот на државата, НАТО, европскиот пат и така натаму?!“.

Од МВР изјавија дека и покрај тоа што со поднесувањето на кривичната пријава нивната работа е завршена, тие остануваат отворени за секаква соработка со обвинителството.

„Стоиме на располагање, 24 часа, колку и да е потребно, да се расчистат вакви криминални дувла коишто постојат и кои преку правење политики, договори, политикантство итн., влијанија од надвор, практично сакале да направат дестабилизација“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...