Со пари од Светска банка поставена нова ИТ опрема во 40 училишта

Опремата е набавена преку проектот на Министерството за образование и наука за унапредување на основното образование кој е финансиран со средства од Светска банка

Фото: МОН

Во 40 училишта во државата поставена е нова, современа опрема преку која учениците ќе можат безбедно да пристапуваат до глобалната интернет мрежа, за да полесно ги совладуваат наставните материјали, а истовремено да пребаруваат и дополнителни едукативни содржини, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН).

„Пристапот е овозможен преку безжични пристапни точки во сите училници, а пребарувањето на содржините е ограничено само за образовни потреби. МОН во насока на заштита на учениците, преку централизиран систем ќе ги оневозможи сите содржини кои се означени како несоодветни за возраста на децата“, се додава во соопштението на МОН.

Опремата е набавена преку проектот на Министерството за образование и наука за унапредување на основното образование кој е финансиран со средства од Светска банка. Претходно, додаваат во МОН, биле набавени персонални и преносни компјутери за училиштата, смарт табли, 3Д скенери, печатари, проектори, системи за складирање и управување со податоци.

„Исто така, беа набавени и нови наставни и нагледни средства за кабинетите по предметите од групата на општествени науки како историја и географија и целосно нови кабинети по природни науки во сите основни училишта“, се додава во соопштението.