fbpx

Битиќи: Членството во ЕУ ќе ја зголеми куповната моќ на граѓаните

„Mалите и средните претпријатија се ’рбетот на економијата на нашата земјата и создаваат околу 80 отсто од работните места, а ЕУ помага во градењето и одржувањето на нивната профитабилност“, смета Битиќи

-

Усвојувањето на уставните измени, а со тоа и овозможувањето да продолжи евроинтегративниот пат на нашата држава, не е само политичко прашање, туку и прашање на економски структурни промени кои треба да донесат низа на трајни придобивки како за нашето стопанство, така и за граѓаните, напиша на својот профил на Фејсбук, Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.

Тој посочува дека остварувањето на стратешката определба на 80 отсто од граѓаните на државата за зачленување во ЕУ најважно е дека ќе значи повисок животен стандард и поголема куповна моќ за нив.

„Една од најголемите придобивки која стои пред нашата држава е создавање на реални услови за голем раст на платите, кои кај одредени држави во првите пет години по зачленувањето во ЕУ се движеше од над 50 отсто, па се до 100 отсто. Ова ќе биде директна придобивка за куповната моќ за граѓаните, за нивниот семеен буџет и животен стандард. ЕУ е најголемиот наш економски партнер, нашето стопанство органски е поврзано со европското, 77,5 отсто од извозот завршува во некоја од 27-те држави членки, додека 51 отсто од увозот доаѓа од таму. Ова значи дека домашните компании создаваат дополнителна економска вредност, креираат и одржуваат работни места за нашите сограѓани“, напиша Битиќи.

Според него, со полноправното членство во ЕУ на нашата економија ќе се отворат вратите на единствениот европски пазар од 500 милиони потрошувачи, што дополнително ќе ги зајакне трговските перспективи и потенцијалите за остварување на одржливи стапки на раст на БДП.

„Искуството на други држави покажува дека во првите пет години од зачленувањето во Унијата, стапките на раст на БДП се зголемуваат од 80 до 90 отсто. Поедноставената трговија ќе ги зголеми можностите за извоз, ќе создаде деловни услови за намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста на домашните компании“, пишува Битиќи.

Тој истакна дека малите и средните претпријатија се ’рбетот на економијата на нашата земјата и создаваат околу 80 отсто од работните места, а ЕУ помага во градењето и одржувањето на нивната профитабилност.

„Само преку Програмата за поддршка на малите и средни претпријатија за пристап на пазарите на ЕУ низ унапредена конкуренција на компаниите им се достапни 36 милиони евра за зголемување на нивните конкурентни капацитети“, додава Битиќи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.