Објавен е повикот за признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Признанието е поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите, за резултати постигнати во текот на минатата година во осум категории

фото: Кабинет на Претседателот на Република Северна Македонија

Од денеска е отворен повикот за доставување пријави за признанието „Успешни млади“ за 2022 година. Од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија велат дека продолжуваат со имплементација на овој проект со којшто се доделува признание во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе од нашата земја, како и создавање на перспективи за младите и успешни карди.

Признанието е поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите, за резултати постигнати во текот на минатата година во осум категории: Најдобар/а млад/а научник/чка во општествените науки, Најдобар/а млад/а научник/чка во хуманистичките науки, Најдобар/а млад/а научник/чка во природно-математичките и техничките науки, Најдобар/а  млад/а  научник/чка во медицинските науки, Најдобар/а млад/а иноватор/ка, Млад талент (за ученици и ученички од средните училишта), Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата (за млади со попреченост) и Најдобар/а млад/а уметник/чка.

Јавниот повик е отворен до 1 октомври и истиот ги опфаќа сите лица што заклучно со 2022 година навршуваат 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија, освен за шестата категорија – млад талент – за која можат да се пријават само ученици и ученички од средните училишта.

Повеќе информации и јавниот повик може да се најдат на интернет-страницата на Претседателот на Република Северна Македонија на македонски, албански и англиски јазик.