fbpx

Белите траги од авионите не значат дека од воздух нè прскаат со отрови

-

Нема докази дека отрови се пуштаат од воздух во Македонија или каде било во светот. Според научната јавност, станува збор за контрејлс – траги што авионите ги остават зад себе како последица на кондензација и кои се највообичаена појава. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува фотографија на која се гледа небо и траги од авиони, а во описот на фотографијата се вели:

19.02.2023
 Македонија.
 Отрови од воздух (chamtrails)

Белите траги од авионите не значат дека  населението го прскаат со отрови од воздух. Оваа теорија на заговор е позната како „кемтрејлс“ и е стара повеќе од две децении. Ваквата невистинита и заснована на дезинформации теорија, го претставува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“.

Група од 77 научници објавија извештај откако ги прегледаа наводните докази за тоа дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци.  Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за тајна атмосферска програма од големи размери“.  Доказите укажуваат на тоа дека патеките се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.

Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират на неколку километри.

Нешнал Географик, исто така, пишува дека кемтрејлс не постојат.

И истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви заговорнички теории, не е нашле „ниту еден веродостоен доказ дека кемтрејлс постои“.

Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката од авионите е подолго време видлива мора да содржи некакви опасни дополнителни супстанции. Според ваквите верувања нормалната трага од авионот треба брзо да се распрсне, така што облаците кои не исчезнуваат веднаш мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции, во случајов отрови.

Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови и се особено видливи на ведро и сончево небо како што беше во изминатите неколку денови.

И во постот што го рецензираме, и во сите постови кои ја шират оваа дезинформација, не се даваат никакви аргументи и докази за наводното прскање со авиони, освен тоа што самите авиони прелетуваат на небото и зад себе оставаат трага од кондензација која е погрешно интерпретирана како да е некаква отровна линија.

Професорот Дејвид Кит од Универзитетот Калгари, се сретнал со луѓе загрижени дека постои прскање од авиони односно кемтрејлс. Видеото од неговата посета, којашто била снимена,  може да се најде на следниот линк . Самиот професор ги упатува лицата коишто имаат сомнежи дека кемтрејлс постојат, да го погледнат видеото.

Тој вели:

Ако верувате во кемтрејлс, запрашајте се како може да сте толку сигурни дека има навистина некаква голема теорија на заговор. Имајте предвид алтернативни, едноставни објаснувања. Запомнете дека интернетот е исполнет со луѓе кои се апсолутно сигурни за работи кои не се вистина. Запомнете дека владите може да чуваат тајни коишто вклучуваат само неколку луѓе, но многу се невешти кога треба да чуваат голема програмска тајна. Ако мислите дека контрејлс од авионите изгледаат различно или се чудни, имајте предвид дека авионските кондензациски траги некогаш траат подолго време и начинот на кој изгледат може ненадејно да се промени бидејќи авионите летат низ различни температури и влажност. Ова е многу добро разбрано и демонстрирано од опсервации и научни докази спроведени од илјадници луѓе низ многу децении.

Што се однесува до „кемтрејлс“ теоријата на заговор, досега таа е повеќепати дебанкирана од проверувачите на факти, меѓу кои, чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz., српскиот сервис Istinomer.rs , како и во неколку рецензии на „Вистиномер“.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Нема докази дека отрови се пуштаат од воздух во Македонија или било каде во светот. Станува збор за контрејлс – траги што авионите ги остават зад себе како последица на кондензација и кои се највообичаена појава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Старо видео од протест во Истанбул, споделено како ново по нападот врз Рафах на 26 мај

Турските медиуми не објавија за ниту еден протест пред конзулатот на Израел во Истанбул по воздушниот напад на Рафах на 26 мај. Новинската агенција Демирен на 27 мај објави...