министерски состанок Баку
Министерски состанок Баку | фото, Министерство за економија

Изградбата на национален гасоводен систем и неговото поврзување со регионалните системи, како и изградба на дистрибутивните системи за природен гас, се едни од приоритетите на Владата во енергетската инфраструктура. Природниот гас е корисен енергенс со широк опсег на уотреба во домаќинствата, индустријата и сообраќајот, како и за производство на електрична енергија и топлина.

Ова го посочи министерот за економија Крешник Бектеши на Седмиот министерски состанок на Советодавниот совет на Јужниот гасен коридор, што виртуелно се одржа во Баку, Азербејџан, а на кој Македонија за прв пат зеде учество.

„Гасификацијата на земјата има круцијално значење за економијата и е од бенефит како за граѓаните, така и компаниите, за животната средина и за општеството во целост. Во тек се активности за натамошна изградба на постојниот гасоводен систем во Северна Македонија, негово поврзување со регионалните гасоводни системи, особено со Jужниот гасен коридор, потоа, планот, развојот на дистрибуцијата на гас да се врши преку јавно-приватни партнерства, но и отпочнување на преговори за обезбедување на дополнителните количини на природен гас“, потенцираше Бектеши. Тој додаде дека кон средината на годинава е предвидено да започне изградбата на интерконекторот за гасно поврзување со Грција, со што ќе се поврземе со Јужниот гасен коридор и на тој начин гасот од Азербејџан ќе стигне и на нашиот пазар.

Јужниот гасен коридор, проект вреден 40 милијарди долари, минува низ 3.500 километри територија, од Баку до јужна Италија, преку Грузија, Турција, Грција и Албанија. Главен извор на гас за системот е наоѓалиштето „Шах Дениз“ во Каспиското море, со резерви од 1,2 трилиони кубни метри. Со завршувањето на првата етапа од овој коридор во декември 2020 година, засегнатите страни испитуваат проширување на проектот на нови пазари, како што е Балканот, и транзит на гас од други достапни извори. Компаниите што учествуваат во проектот се: Светска банка, ЕБОР, ЕИБ,  Азиска банка за развој, Азиска инфраструктурна банка за инвестиции и други меѓународни финансиски институции.

На министерскиот состанок во Баку, учествуваа претставници на САД и повеќе балкански и европски држави.