Владата донесе одлука за нов проект за изградба на дистрибутивна мрежа на природен гас за која информираше викендов, а од СДСМ сметаат дека на помалку од три месеци до изборите, власта се обидува да споведе еден од најскандалозните корупциски тендери и во предизборие да дава концесија на 30 години.

Во овој момент, владата нема никакви законски пречки да спроведува големи стратегиски одлуки како што е концесијата за гасовод или, пак, донесување буџет.

Во пакетот закони што Собранието ги донесе на крајот на минатата година, по Договорот од Пржино, во ниту еден од нив, не е предвидено владата пред избори да не може да распишува тендери и јавни повици за големи проекти, наспроти периодот кога изборите веќе ќе бидат распишани, а Собранието распуштено. Тогаш владата ќе може единствено да ги извршува своите редовни обврски, како што се исплата на плати, пензии, редовни субвенции и социјална помош.

Но и покрај законските можности, професорот и аналитичар Абдулменаф Беџети вели дека не е во ред ниту препорачливо „техничка“, односно влада во ваков состав, да расправа за стратешки прашања кои не се од техничка природа.

– Влегуваат во процес за кој и самите се свесни дека нема да стигнат да го завршат и сè ќе заврши со циркус. Исто така, невозможно е и не е во ред парламентот во овој состав да го донесе најважниот документ за државата, односно буџетот за 2017 година. Имаат несериозен пристап кон сериозни капитални проекти. Но, сметам дека ова е еден дефокус на вниманието за вие, како новинари, и ние, како аналитичари, да се занимаваме со овие прашања. Интенцијата им е исто како пред две години, кога сакаа уставни промени – вели Беџети за „Мета“.

Експертот за енергетика, професорот Константин Димитров, вели дека тоа што сега е одлучено да се спроведува тендер за изградба на дистрибутивна мрежа на природен гас не значи ништо, бидејќи процесот на одлучување е долг, односно ќе поминат најмалку шест месеци и сигурно нема да заврши до избори.

– Ќе има дефинирање на техничките услови, ќе следуваат компаниски предлози, ќе има тендерски конкурентен дијалог меѓу компаниите и тој процес може да фати и подолго од шест месеци. Распишувањето тендер е од пред две години, но пропадна бидејќи многу работи се сменија, како цената на енергијата, како и условите на терен. Добро е ако техничкиот процес заврши и за шест месеци – вели Димитров за „Мета“.