Барањата за достоинствен менструален циклус во фокус во новата епизода на „Шорткат“

Фото: Мета.мк

Иако живееме во современо општество, за менструацијата која се смета за прв знак за плодноста или половата зрелост, кај нас сè уште владее стигма и се зборува во кодови кои се употребуваат уште од минатиот век. Милиони девојки и жени не се во состојба да управуваат со својот менструален циклус на достоинствен, здрав начин. Од таа причина, 28 мај се одбележува како Светски ден на менструалната хигиена.

Во новата епизода на „Шорткат“ ќе имате можност да видите кои се барањата што на мирен протест во понеделникот ги упатија активистките за заштита на женските права до надлежните институции. За тоа какви се последиците по репродуктивното здравје кога нема услови за достоинствено одржување на менструалната хигиена зборува претседателот на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), професор др. Тофоски.

Во 39-то издание на вестите за млади посветивме внимание и на менталното здравје на младите и ги носиме најинтересните детали од онлајн дебатата организирана од Фондацијата „Метаморфозис“, на тема „Менталното здравје на младите по ковид пандемијата“. Во „Шорткат“ зборуваме и за актуелната тема за оценувањето на средношколците и учениците на крајот на учебната година. Во вечерашната емисија ќе може да погледнете и како помина фестивалот за јапонска култура Нихон-Џи кој се одржа изминатиов викенд во Скопје.

Новата епизода на „Шорткат“ ќе биде објавена вечерва на нашите канали на социјалните мрежи со почеток во 19:00 часот.