Балтичкото Море трпи штета на биодиверзитетот и ледената покривка

Во најсеопфатното истражување до сега, експертите од Балтичката комисија за заштита на морска животна средина (Хелком) во вторникот рекоа дека имало „малку или скоро никакво подобрување“ во здравјето на водното тело помеѓу 2016 и 2021 година

фото: НАСА

Балтичкото Море се соочува со „критични предизвици“ поради климатската криза и деградацијата на биолошката разновидност, вели ново истражување, а шведската крајбрежна стража се бори да го спречи влијанието на излевањето нафта на јужниот брег на земјата, пишува Гардијан.

Во најсеопфатното истражување до сега, експертите од Балтичката комисија за заштита на морска животна средина (Хелком) во вторникот рекоа дека имало „малку или скоро никакво подобрување“ во здравјето на водното тело помеѓу 2016 и 2021 година.

Извештајот вели дека рибните резерви се на опасно ниско ниво, додека загадувањето и екстракцијата на ресурси продолжуваат да вршат притисок врз морето.

Во понеделникот шведската крајбрежна стража извади околу 20 кубни метри нафта од Балтикот, со што вкупната површина достигна околу 50 кубни метри, откако траект преминал три пати кај Хорвик во јужна Шведска.

Крајбрежната стража во вторникот соопшти дека траектот Марко Поло кој бил оштетен и истекува нафта во морето ќе биде поправен во среда и однесен во пристаништето во Карлшам за да се спречи ризикот од натамошни излевања на нафта.

Балтикот е особено ранлив на загадување и променливи услови на животната средина, а извештајот за состојбата на Балтичкото Море за 2023 година покажа дека и покрај напорите да се подобри неговата животна средина, вкупните услови не се подобриле.

Извештајот додава и дека човечките активности, вклучително и загадувањето, прекумерниот риболов и уништувањето на живеалиштата, влијаеле на екосистемот и довело до севкупен пад на биолошката разновидност. Покрај тоа Еутрофикацијата – феномен кој во голема мера е создаден од човекот во кој вишокот на хранливи материи како што се азот и фосфор предизвикуваат цветање на алгите – исто така претставува проблем.

Лошиот еколошки статус на Балтикот влијаел и на профитабилноста на рибарството и туризмот.

Извештајот набројува и некои светли точки. За пример, утврдено е дека намалувањата на внесот на хранливи материи и опасни материи, како и работата на биолошката разновидност и зачувување, покажале знаци на успех во некои делови на Балтикот и неколку поранешни жаришта на загадувањето биле отстранети од најновата проценка. Се покажа дека уделот на морските заштитени подрачја во регионот се зголемува.

Но и покрај тоа, климатската криза продолжува да прави штета што резултира со намалена ледена покривка, поекстремни временски услови и зголемување на температурата на водата.

„Сегашните резултати од проценката сугерираат дека стапката на обновување на биолошката разновидност денес е премногу бавна. Влошениот статус претставен во овој извештај е директно поврзан со активностите и приоритетите на нас како општество”, вели Јаница Халдин, заменик извршен секретар на Хелком и координатор на извештајот.

Акциониот план на Балтичкото Море направен од Хелком во 2021 година, повикува на зајакнување на биолошката разновидност, намалување на притисоците врз животната средина и подобрување на целокупното здравје на екосистемот на Балтикот.