fbpx

АРМ го одбележа својот триесетгодишен јубилеј

-

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на централната свеченост, што по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија и јубилејот „30 години Армија“, се одржа во касарната „Илинден“ во Скопје. Во рамки на централната свеченост, тој ги одликуваше првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, Логистичката база при Армијата и Организацијата на резервни офицери на Република Северна Македонија, со Орден за воени заслуги. Трајан Гоцевски е одликуван за неговиот придонес во формирањето на Армијата како легитимна и регуларна вооружена сила на Република Северна Македонија.

„На овој ден, треба да се потсетиме не само на формирањето и развојот на Армијата, туку и на основната причина за нејзиното постоење, а тоа е правото на секоја држава на самоодбрана. Армијата го брани нашиот суверенитет, територијален интегритет и уставен поредок, но и нашето национално достоинство и чест. Во овој контекст, Армијата беше ангажирана во справување со клучните предизвици на државата, од Косовската криза во 1999-та, преку воениот конфликт во 2001-та, па се до мигрантската криза во 2015-та година. Армијата ја црпи својата сила и идентитет од народот, од граѓаните. Оттука, не постои поцврста врска од онаа меѓу војникот и неговата држава“, рече претседателот Пендаровски.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во своето обраќање се фокусираше на достигнувањата во триесет годишното постоење на Армијата, клучните одлуки донесени во овој изминат период, местото на Армијата во општеството како институција со најголема доверба, како и процесите на развој на одбраната, модернизацијата на Армијата и развојот и мотивацијата на сите армиски припадници и службеници во одбраната.

„Триесет години постоење е долг период кој сите ние го паметиме како време во кое трудољубиво се поместувани границите на сопствените достигнувања. Заслуженото место што денес Армијата го има дома и во НАТО Алијансата е постигнување за кое се имаат заложено многу поединци, поранешните Претседатели, Влади, министри за одбрана, началници на Генералштабот, старешини, војници и вработени“, рече министерката.

На централната свеченост присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, министри, претставници од дипломатскиот кор, поранешните министри за одбрана и началници на генералштабот, генералите во Армијата, команданти на командите и единиците на Армијата и претставници на организации со кои соработува Армијата.

Централната свеченост е една од завршните активности со кои се одбележува јубилејот 30 години од формирањето на Армијата, меѓу кои беа реализирани изложба по повод 30-годишниот јубилеј, отворениот настан за граѓаните, трибини, спортски натпревари, хуманитарни акции и прослави во единиците.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...