fbpx

Аневски: Јанева в среда да дојде и да објасни зошто го бара „Маѓар Телеком“

-

Членовите на Советот на јавни обвинители денеска на седница ги разгледувале барањата на Специјалната обвинителка Катица Јанева за преземање на предметот на „Маѓар Телеком“ и двата случаи со Зоран Верушевски и неговиот син и заклучиле дека Јанева мора да се појави пред Советот и да образложи врз што ја темели надлежноста над овие предмети.

Претседателот на Советот, Петар Аневски ја повика Јанева на 30 март, во среда, да дојде кај нив и да ги даде бараните објаснувања.

– Советот на јавни обвинители на денешната седница донесе одлука да ја повика Специјалната јавна обвинителка да дојде на 30 март во 10 часот во просториите на Советот за да ги направи веројатни околностите врз основа на што ја темели својата надлежност за сите предмети кои се побарани од нејзина страна од ОЈО Скопје или од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Ќе треба да даде релевантни податоци од каде го црпи своето барање за надлежност, од каде произлегуваат и кои се околностите што ги поврзуваат овие случаи со незаконското следење на комуникациите – го прочита Аневски соопштението по денешната седница на Советот.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Јанева мора да се појави во среда на седницата и што ако не дојде, Аневски одговори дека е нужно таа да дојде инаку во спротивно ќе одлучат да не и ги дадат предметите.

-Доколку не дојде, само ќе ни ја олесни работата, односно Советот најверојатно во тој случај ќе донесе одлука да не и бидат предадени предметите – рече Аневски.

Запрашан дали на седницата бил разгледуван извештајот за шестмесечната работа на Јанева, Аневски рече дека бил разгледуван и дека е оценет негативно. Во врска со извештајот тој најави подетално соопштение кои ќе биде испратено до медиумите.

Во врска со случајот „Маѓар Телеком“ и другите предмети што ги бара СЈО, обвинителката Ленче Ристовска на денешната прес-конференција рече дека нивната надлежност врз овие случаи произлегува од самиот Закон за специјално обвинителство и од фактот што тие се единствените што ги имаат прислушуваните материјали.

– Законот за специјално обвинителство гледан како целина не овластува нас да ги истражуваме тие работи односно тие предмети кои што се поврзани или произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите од една страна, а од друга страна ние сме тие кои што ги имаат незаконски прислушуваните материјали и имаме увид во нивната содржина, така што би било неблагодарно друг да цени дали имаме надлежност или не во таа насока. Веруваме како обвинителство дека ќе се изнајдат механизми да ги надминеме недоразбињата со Советот на јавни обвинители. Во рамките на нашите законски можности ние стоиме на располагање доколку Светот е заинтересиран да нè контактира – рече Ристовска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...