Андреј, Илин и Алекс се победници на петтиот скејтбординг натпревар што викендов се одржа во Скопје

Извор на фотографија: ONE MORE TRY

Петтото издание на скејтбординг натпреварот „One More Try Skopje Vol.5“ викендов се одржа на повеќе локации во Скопје и на него се прикажаа одличните вештини кои ги владеат скејтбордерите од земјава. Од целиот настан како севкупни победници по скејтбординг се издвоија: Андреј Костоски, кој го освои првото место, Илин Колевски го освои второто место, додека Алекс Андевски беше треторангиран, информираат организаторите на натпреварот.

Оваа година, тимот на One More Try одлучи да ја одржи манифестацијата во два дена, развивајќи растурено сценарио на повеќе локации во текот на првиот ден и класично сценарио во скејтпаркот во Карпош вториот ден. Манифестацијата се одржи согласно актуелните протоколи за организирање настани на отворено.

„Првиот ден учесниците се собраа на платото пред салата „Борис Трајковски“ каде што се одржа класичен “Cash4Tricks” натпревар. Потоа натпреварот продолжи на различни локации низ градот. Вториот ден манифестацијата се стационираше во реновираниот скејтпарк во склоп на адреналинскиот парк во Карпош. Натпреварот кулминираше со “BestLine” натпревар во рамките на кој скејтерите имаа 45 секунди успешно да направат трикови во линија (едно по друго) на различните елементи во скејтпаркот“, велат од One More Try.

Тие додаваат дека овој формат на скејтбординг натпревар е конципиран за максимално учество на сите скејтери (од помали и понеискусни до најискусни), во кој скоро сите добиваат по нешто, а публиката добива максимална забава.

Во текот на натпреварот, учесниците од другите градови се запознаа со градот Скопје, местата за скејтбординг и локалната култура. Настанот се одржа под покровителство на Град Скопје.