Анализа: Само на еден од 10 факултети, студентите со попреченост може да добијат литература во пристапен формат

Повеќе од половина од факултетите, иако се на повеќе катови, немаат лифт. За 40 отсто од студентите со попреченост, јавниот превоз е целосно непристапен

фото: Фондација за демократија на Вестминстер (ВФД)

Дури на 55 отсто од факултетите нема студенти со попреченост или факултетите не водат статистика за бројот на овие студенти. Ниту еден факултет не ги објавува своите соопштенија и документи во брајов формат, пристапен аудиоформат или стандардно писмо во зголемен формат. Само на 10 отсто од факултетите во земјава студентите со попреченост формално може да добијат литература во пристапен (аудио или дигитален) формат.

Ова се клучните наоди од Анализата за пристапот до високо образование на лицата со попреченост која ја изготвија Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ во соработка со Народниот правобранител, а со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) во рамки на проектот „Практикувај демократија“ поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Во анализата се заклучува дека голем дел од предавалните и библиотеките се со ограничена физичка пристапност, а дури на 55 отсто од факултетите, иако се на повеќе катови, нема лифт. Нотирано е и дека за 40 отсто од студентите со попреченост, јавниот превоз е целосно непристапен.

Оваа анализа е прв чекор кон независност на лицата со попреченост и овозможување на нивното право на високо образование, особено имајќи предвид дека се соочуваме со недостиг на податоци во оваа област и видливост на студентите со попреченост. Ова го истакна заменичката на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска – Мустафа, за време на презентацијата на анализата.

„Според нашите информации, најголем број на млади со попреченост по завршување на средното образование не се одлучуваат да го продолжат образованието поради немање на соодветен пристап. Бројот на 50-тина студенти во сите три циклуси на студии алармира за овој проблем. Како општество мораме попосветено да работиме за овозможување на живот и високо образование за лицата со попреченост“, рече Бајрамовска – Мустафа.

Пратеничката Жаклина Лазаревска од Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со хендикеп рече дека Националната стратегија за образование и Националната стратегија за правата на лицата со попреченост содржат бројни активности кои се генерално во надлежност на Министерството за образование и наука со цел континуитет на унапредување на правата на младите и создавање на инклузивна средина.

„Наша обврска е да обезбедиме лицата со попреченост да имаат и пристап до високото на образование без дискриминација и на еднаква основа со другите, без разлика на автономијата на универзитетите. Анализите од ваков вид треба да бидат презентирани и пред пратениците со задолжително присуство на претставниците на универзитетите“, истакна Лазаревска.

Свесноста, пристапноста и развивањето политики за еднаквост се клучни за нашето општество, рече претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Исмаил Камбери.

„Комисијата до сега има утврдено дискриминација во 11 случаи од кои 2 се во областа на образованието“, информираше Камбери.

Директорката на ВФД во Северна Македонија, Дона Костуранова истакна дека за да имаме еднаквост на лицата со попреченост во општеството, еден од предусловите е еднаков пристап до образование, вклучувајќи го и високото образование.

За поеднаков пристап до високото образование, анализата препорачува дека пристапноста треба да биде критериум во набавките, реконструкцијата и стратешкото планирање на факултетите и студентските домови, да се обезбеди асистивна технологија и помагала, да се обезбеди стручна и научна литература во пристапни формати, но и пристапен транспорт за студентите со попреченост.

Меѓу другото, треба задолжително да се почне со водење дигитална евиденција за статистички податоци за студентите со попреченост, за подобро планирање на нивните потреби и инклузивноста на факултетот, како и формално назначување на административни асистенти за поддршка на студентите со попреченост.

Инаку, анализата била спроведена преку прашалник пополнет од 40 факултети, теренски увид во физичката пристапност на 17 факултети на четири универзитетски кампуси, како и фокус групи и интервјуа.